14.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Поранешениот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, осуден на шест години затвор

Поранешениот шеф на кабинетот на ексдиректорот во УБК, Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, е осуден на шестгодишна затворска казна во случајот „Специјална каса“ за проневера на 825.000 евра. На затворска казна од четири години е осуден Стево Маџовски, поранешен вработен во УБК.

„Основниот кривичен суд Скопје денеска ја објави пресудата за предметот со КОК бр. 101/19, во јавноста познат како ‘Специјална каса’, според која обвинетите Т. Ј. и С. М. ги огласи за виновни за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето по чл. 353 ст. 5 в.в со ст. 1 од КЗ и ги осудува на казна затвор, и тоа: Т. Ј. на казна затвор во траење од 6 години, во која му се засметува времето поминато во притвор, С. М. го осудува на казна затвор во траење од 4 години“, соопшти судот.

Обвинетата Кристина Јосифовска е ослободена од обвинението затоа што, велат од судот, јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетата го сторила делото за кое се обвинува.

Во текот на кривичната постапка, која почна во октомври 2019 година, одржани се вкупно 11 продолженија на главната расправа, а некои од расправите се одржаа во време на вонреда состојба поради пандемијата на Ковид-19. Беше сослушан и сведок преку видеоконференциска врска со надлежен суд во Букурешт, Р. Романија, каде што се наоѓал сведокот.

Судот утврдил дека обвинетите подигале парични средства за потребите на касата за исплата на средства за посебни намени за УБК, но воедно утврдено е дека евиденцијата за потрошените парични средства се уништени заедно со документацијата за исплата, односно главната книга за евиденција, без за тоа да постои посебно одобрение од директорот на Управата и без за тоа да биде формирана комисија за ништење материјална документација.

Против оваа пресуда осудените имаат право на жалба до Апелациониот суд.

Спонзорирано: