Интегрално ја пренесуваме реакцијата на Бег Снабдување на тема: Утринска програма во живо, Студио 10, Изјава на Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Телевизијата 24:
Во целост ги демантираме тврдењата наведени од Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, г-динот Бислимоски во Вашата емисија Студиo 10 (објавени на Телевизијата 24) дека “најголем дел од граѓаните не добивале воопшто греење”, “БЕГ не ги завршиле подготовките за почеток на грејната сезона”, “БЕГ не ни даде точни информации” “во голем дел од Скопје нема никаква испорака на топлиснка енергија”, “БЕГ имал лоша организација и неподготвеност на почетотокот на грејната сезона” “БЕГ требаше да има комуникација пред почетокот на грејната сезона” “Она што сега БЕГ го прави на терен е општ хаос”, “360 објекти немат греење”.
Сакаме да потенцираме дека целосно стоиме на нашата изјава за подготвеност на централниот систем за греење пред почетокот на грејната сезона 2020/2021 дадена во Регулторната Комисија за енергетика и водни услуги. Имено, компаниите во состав на групацијата БЕГ АД, се целосно подготвени за сигурно, безбедно и континуирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија на почетокот на грејна сезона 2020/2021. Согласно деловните и оперативните планови беа реализирани сите планирани инвестиции, како и неопходните ремонти и подготовки на системот за централно греење.
Сакаме да истакнеме дека топланите и дистрибутивниот систем се во безпрекорна состојба и истите се целосно подготвени за грејната сезона 2020/2021, до денеска не е забележан ниту еден дефект во производствените постројки и дистрибутивната мрежа со кои управува БЕГ.
Испораката на топлинска енергија преку системот за централно греење до објектите од почетокот на грејната сезона се одвива непречено. Сите објекти, во кои потрошувачите и куќните совети навремено ги исполнија своите обврски за одржување и проверка на грејната инсталација пред почетокот на грејната сезона добија навремена и квалитетна испорака на топлинска енергија.
За да може испораката на топлинска енергија од системот за централно греење да се одвива непречено во објектите на потрошувачите, потребно е куќните совети на колективните станбени објекти да овозможат непречен пристап на екипите на операторот на дистрибутивната мрежа во топлинските станица, да се обезбеди напојувањето на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација) и да ги отстранат дефектите на внатрешната грејна инсталација во најкус можен рок.
Снабдувачот на топлинска енергија, навремено, пред почетокот на грејната сезона ги информираше сите потрошувачи, куќните совети и фирмите кои управуваат со колективните објектите во кои има дефект на внатрешна грејна инсталација, нема довод на електрична енергија или нема пристап во топлинските подстаници. Дополнително, на веб страната на Снабдување со топлина Балкан Енерџи постојано се објавуваат ажурирани податоците за моментално затворените објекти.
Не е точна информацијата дека во 360 објекти не се врши испорака на топлинска енергија.
Согласно податоците во Центарот за Грижа на потрошувачи, на 14 октомври 2020 година, еден ден пред почетокот на грејната сезона, бројот на затворени објекти, во кои не постои техничка можност за да се испорачува топлинска енергија изнесуваше 263 објекти, односно помалку од 10% од вкупниот број на објекти во системот со кој управува БЕГ. Подетално во 51 објект имаше прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 58 објекти екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаа пристап до топлинската станица и 154 објекти беа оневозможени да добија испорака на топлина од системот за централно греење заради дефект во внатрешната инсталација на објектот.
Во моментов бројот на објекти во кои не се испорачува топлина изнесува 81. Односно во 12 објекти има прекин во испорака на електрична енергија до топлинската станица, во 16 објекти екипите на операторот немаат пристап до топлинската потстаница и во 53 објекти не се испорачува топлина поради дефект на внатрешната грејна инсталација.
Уште еднаш упатуваме апел до потрошувачите и куќните совети да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации, да обезбедат довод на електрична енергија и непречен пристап на нашите екипи до топлинските станици во нивните објектите.
Сакаме да истакнеме дека како општествено одговорна компанија, во отежнати услови за работа заради пандемијата со КОВИД-19, во секој момент располагаме со доволен број на екипи, веднаш по отстранување на дефектите од страна на потрошувачите, во најкраток рок да овозможиме нормална испорака на топлинска енергија во објектите.