23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Шилегов го отвори новиот стационар за бездомни кучиња „Лајка“

Со отворањето на новиот објект на стационарот за бездомни кучиња и спроведувањето на новата програма, ЈП „Лајка“ ќе биде првата алка во синџирот за хумано решавање на проблемот со кучињата скитници, како и намалување на нивниот број на скопските улици, рече денеска скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.

„На големо задоволство на сите нас од денеска и официјално го пуштаме во употреба новиот стационар за бездомни кучиња на ЈП ‘Лајка’. ‘Лајка’ не е само објект, тоа е еден сосема поинаков концепт во третманот на бездомните животни. Имено, пред година и половина кога размислувавме за решавање на деценискиот проблем што Скопје го има со кучињата скитници, рековме дека целосно треба да го смениме концептот и ова што го гледате денеска е само почеток на тој концепт и официјален крај на ‘Вардариште’. Скопје е меѓу ретките градови, единствен во регионот кој заради посветеноста на овој проблем има сопствено јавно претпријатие, не сме веќе дел од ‘Комунална хигиена’ и во коешто ќе работат обучени луѓе“, рече скопскиот градоначалник.

Тој објасни дека капацитетот на објектот е околу 100 кучиња и дека станува збор за убедливо најдобрите стандарди што се пропишуваат во оваа област.

„Секој од кафезите, односно целиот објект е со подно греење со цел на животните да им обезбедиме комоција, секој дел е засебен, тргнати се прифатилиштето и тргнато е приемното одделение. Можете да ги видите амбулантата, операционите сали, собата за интензивна нега, собата за постоперативен третман и карантинскиот дел и се надевам дека ‘Лајка’ ќе стане центар за вдомување на кучиња и ред други работи кои подразбираат еден многу повнимателен и поодговорен однос со овие животни“, истакна Шилегов на отворањето на новиот стационар.

Додаде дека во блиска иднина „Лајка“ ќе значи и помал број на кучиња на улиците што ќе води речиси до нула каснувања за луѓето.

„Популацијата на бездомни улични кучиња не може успешно да се контролира само со нивно заловување и сместување во стационар додека не им се најде нов дом. Новиот концепт ќе подразбира чипирање и на овие кучиња, но и систем на контрола на чипирањето на домашните миленици и зголемување на бројот на санкциите за неодговорните сопственици заради кои најчесто овие животни завршуваат на улица“, посочи скопскиот градоначалник.

„Мое лично убедување е дека е време човекот да му врати на неговиот најдобар пријател“, изјави Шилегов.

На отворањето на новиот стационар и јавното претпријатие за благосостојба на кучињата скитници „Лајка“ беа присутни директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, директорката на ЈП „Лајка“, Тина Петрушевска, како и неколку градоначалници од скопските општини.