23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Димитров копретседаваше со Заедничкиот мониторинг-комитет на Европската комисија

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска копретседаваше со Заедничкиот мониторинг-комитет, највисоко тело во рамките на користењето на ИПА-фондовите, а во кое учествуваат претставници на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, ИПА-структурата, донатори и граѓански организации.

„Само преку искрен пристап кон отворените прашања и преку отворена комуникација со сите фактори во спроведување на ИПА може да ги придвижиме работите. На вистината и на проблемите мора да им погледнеме во очи за да ги надминеме предизвиците“, истакна Димитров.

На состанокот беа усвоени заеднички заклучоци, кои ќе придонесат кон унапредување на утврдените слабости на системот. Секретаријатот за европски прашања редовно ќе го следи исполнувањето на овие заклучоци и препораки со строго утврдени рокови.

Покрај генералното спроведување на ИПА, административните капацитети, големите инфраструктурни проекти, на состанокот се дискутира и за проектите, како што се градење на колекторскиот систем во Скопје, градење на железницата кон Бугарија, експресниот пат Градско – Дреново, проектот за поддршка на туризмот.

Со состанокот копретседаваа вицепремиерот Никола Димитров и претставникот на Европската комисија, Дејвид Кален.​