Претседателот Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гер.
Во продолжение ги проследуваме интегралните текстови од обраќањата на претседателот Стево Пендаровски и на амбасадорот Дејвид Гер на церемонијата на предавање на акредитивните писма.
Обраќање на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски
Ваша Екселенцијо,
Ми претставува особена чест да ги примам акредитивните писма од Неговата Екселенција, Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет и од Нејзината Екселенција, Урсула фон дер Лејен, претседател на Европската комисија, со кои Вие сте именуван за нов амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.
Дозволете ми од свое име и од име на македонските граѓани да Ви посакам срдечно добредојде, успешен престој и плодотворна соработка со сите институции, граѓански асоцијации и поединци во Северна Македонија.
Високо го цениме Вашето богато дипломатско искуство и сметаме дека истото ќе претставува значаен придонес во унапредувањето на евро-интеграциското досие на Северна Македонија и нашите односи со Европската Унија. Ве уверувам дека во вршењето на Вашите дипломатски должности ќе ја уживате нашата целосна соработка и помош.
Почитуван Амбасадоре,
Доаѓате во исклучително значаен момент за нашата земја бидејќи по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, завртевме нов лист во својот развој и одлучивме да го надополниме загубеното време во исполнување на своите клучни цели.
Како што и веќе добро знаете, оваа година Северна Македонија исполни еден од своите стратешки приоритети, со зачленувањето во НАТО и во март доби зелено светло од Европскиот совет за почеток на преговорите за пристапување во Европската Унија.
Сега, во периодот пред нас, на ред е одлуката за почеток на преговорите да се материјализира во што поскоро усвојување на Преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ и да се закаже првата Меѓувладина конференција помеѓу Европската Унија и Северна Македонија која ќе го означи конкретниот почеток на преговорите.
Во овој контекст би сакал да искажам благодарност до Европската комисија и до Европската служба за надворешни работи, институцијата од каде што претходно доаѓате, за сесрдната поддршка и сметам дека заедничките напори на германското претседателство со Советот на Европската Унија претставува одлична можност за реализација на зацртаната цел до крајот на годината.
Одблиску и со внимание ги следиме дискусиите околу Преговарачката рамка помеѓу земјите членки во работните тела на Советот на ЕУ и убедени сме дека земјите членки само преку дијалог и заемно почитување на принципите и темелните вредности на Европската Унија ќе може да ги надминат преостанатите билатерални разлики и предизвици.
Во таа смисла, како земја кандидат за членство, одлучни сме да продолжиме со спроведување на заемните обврски од Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија со отворен ум и со добра волја и во периодот што следи.
Екселенцијо,
Убеден сум дека со почетокот на преговорите и ревидираната методологија, не само што ќе придонесат за натамошно стабилизирање на состојбите на Западниот Балкан, туку нам, како држава, ќе ни овозможат побрзо и поефикасно да ги имплементираме неопходните реформи, особено во сферата на борбата со организираниот криминал и високата корупција.
Изградбата на функционална правна држава, во чие средиште е независниот и ефикасен судски систем, е еден од нашите стратешки приоритети и сите институции посветено работат кон остварување на оваа цел. Бидете уверен дека за остварувањето на оваа стратешка цел сите институции ја имаат мојата целосна поддршка.
Северна Македонија е самоуверена и подготвена дека може да го изоди тој пат и во иднина да придонесува за единството и проектирањето на Европската Унија како глобална сила во светот.
Почитуван господине Амбасадоре,
На крајот би сакал да упатам благодарност до Европската Унија за несебичната помош за време на Ковид-19 кризата која сè уште трае. Благодарни сме за видливо демонстрираната солидарност и помош во форма на итна поддршка за здравствениот сектор, финансиски пакет за соочување со социо – економските последици како и макрофинансиската помош која ќе биде нивно важно надополнување. Високо го цениме и обезбедениот пристап без преседан до останатите ЕУ-механизми и инструменти, како и заедничките напори безбедно да ги вратиме нашите затечени граѓани дома.
Дозволете ми Ваша Екселенцијо, уште еднаш, да Ви посакам многу успех и добро здравје во извршувањето на Вашата одговорна функција.
Обраќање на новоименуваниот амбасадор и шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гер
Господине Претседател,
Ми претставува голема чест да Ви ги врачам писмата со кои институциите на Европската унија ме акредитираа како шеф на делегацијата во Република Северна Македонија. Во име на претседателот Шарл Мишел и претседателката Урсула фон дер Лајен, со задоволство Ви ги пренесувам нивните најсрдечни поздрави до Вас и Вашата земја.
Ја преземам оваа функција во невообичаени околности. Доволно невообичаени во кои дури и традиционалното ракување е исклучено што вообичаено би ја крунисало оваа пригода. Доволно сериозни за да влијаат на нашето заедничко чувство на безбедност и да ја нарушат нашата слобода на движење. Но и доволно одлучувачки за да нè натераат да научиме вредни лекции за во иднина. За тоа како од состојба на ранливост да преминеме во состојба на обновена виталност.
Горд сум што стојам пред вас и ја застапувам ЕУ и нејзините вредности. Вредноста на мирот што ни овозможи да се обединиме и да напредуваме. Вредноста на солидарноста што ќе нè извлече од оваа пандемија. Вредноста на човечкото достоинство што нè обединува сите во различноста која можеме да ја славиме.
Господине претседател,
Минатиот март, Советот наЕвропската унија ја донесе историската одлука за отворање на преговори за членство со Северна Македонија. Ова се случи по значајните реформски достигнувања, тешките одлуки кои го потврдија избраниот правец на оваа земја. Сега сите можеме да го очекуваме официјалниот почеток на преговорите на Меѓувладината конференција.
Тоа ќе биде значајна пригода што ќе го потврди долгогодишниот став дека иднината на целиот овој регион e во ЕУ. Како што рече претседателката Фон дер Лајен во своето годишно обраќање минатата недела „Ние ја делиме истата историја, ја делиме истата судбина. Западен Балкан е дел од Европа – а не само попатно место на Патот на свилата“.
Пристапните преговори ќе бидат онолку исцрпувачки колку што ќе биде големо и задоволството. Владеењето на правото ќе биде клучно. Тоа е почетна точка, но и последен чекор во преговорите. Процесот исто така значи поддршка на демократијата и дијалогот, заштита на човековите права и животната средина и создавање на одржлива економија во служба на граѓаните. ЕУ реформите и подобрувањето на животот и перспективите на луѓето не се конкурентни приоритети, туку напори кои меѓусебно се зајакнуваат. Тие вклучуваат процес на позитивна реформа во интерес на слободите, напредокот и безбедноста на обичните Македонци.
Господине претседател,
Во текот на преговорите, ЕУ ќе продолжи да обезбедува помош за Северна Македонија, бидејќи спроведува реформи што ќе ја приближат земјата до ЕУ. Во следните недели, Европската унија ќе претстави многу значајна економска иницијатива за Западен Балкан што ќе ја зајакне инфраструктурата во регионот и ќе ја забрза нејзината интеграција со економијата на ЕУ. Тоа е иницијатива која следи по долгогодишниот повик на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, земјите од Западен Балкан да бидат целосно интегрирани во паневропските коридори за транспорт. Тоа нема да бидат само инвестиции во соседните земји, тоа ќе бидат инвестиции во проширената ЕУ која ќе ја градиме заедно.
Во последниве месеци, ЕУ даде практична илустрација за вредноста на солидарноста, обезбедувајќи значителна помош за справување со пандемијата во оваа земја, дури и кога нашите земји-членки се бореа со последиците од истата. Слушнав дека некои Македонци од овој чекор се чувствуваа како дел од семејството на Европската унија. Дозволете ми да ве уверам, господине Претседател, дека за време на мојот мандат во оваа земја, нема да штедам напори да го направам тоа чувство уште пореално.
Притоа, очекувам да работам со Вас, Ваша Екселенцијо, со парламентот, со владата, со опозицијата и со сите актери и сектори на општеството низ целата земја, кои мора да бидат во центарот на овој голем потфат за да може Северна Македонија да го заземе своето место како членка на Европската унија.
Господине Претседател,
Чест ми е, во овој момент, да Ви ги врачам моите акредитивни писма.