24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Николовски: Никој не смее да биде над законот, мора да постои ред и истиот да се почитува

Ќе се избориме за функционален систем и фер општество, затоа што на овие и на идните генерации мора да им покажеме решителност и одлучност дека сме подготвени во следните 4 години да ги промениме работите дома, порача заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, на денешниот брифинг со новинари.

Вицепремиерот на брифингот посочи дека антикорупцискиот систем го сочинуваат повеќе институции и јавни органи, а неговата нова владина функција ќе игра координативна улога во насока на зголемување на нивната ефикасност и меѓусебна соработка во полза на граѓаните.

„На овие генерации мора да им покажеме решителност и одлучност дека сме подготвени во следните 4 години да ги промениме работите дома. Од менталитетот и тоа дека не треба се преку врски и протекции да се прави, па понатаму. Дека може да одат по регуларен пат низ системот, без главоболки, туку со целосно остварување на своите права. Огромен е просторот на кој треба да се работи на полето за борба против корупцијата, од високата корупција до она што се случува на најниско ниво. Сето тоа е причина за разочараност кај младите и причина за недовербата којашто треба да ја вратиме“, изјави Николовски.

Притоа, Николовски посочи дека веќе се остварени првични координативни состаноци со дел од органите на антикорупцискиот систем, со експерти од областа и со меѓународните партнери. Во периодот кој следува ќе продолжат овие активности на запознавање и усогласување на ставовите и принципите на работа. Николовски потенцираше дека ќе се работи на воспоставување на интензивна меѓуинституционална соработка, бидејќи како што изјави само така можат да се постигнат позитивни резултати во делот на превенирање и борба со корупцијата и криминалот. Притоа, Николовски најави дека ќе се зајакнуваат капацитетите на ДКСК и на Државниот завод за ревизија.

Николовски додаде дека во тек се и активности со цел реорганизација на јавната администрација, што пред сè подразбира кратење на бројот на органи, т.е. оние кои немаат своја улога и имаат ингеренции кои се преклопуваат со останати тела, да се спојат со истите или укинат.

Во однос на годините кои следат, процесите од ЕУ интеграцијата и проблемот со човечкиот капацитет, тој изјави „Треба да извлечеме максимум од потенцијалот кој го имаме. Лично во кабинетот очекувам неколку луѓе меѓу кои и такви кои напуштаат значајни позиции надвор од државата кои се исклучително добро платени, за да дојдат да работат во мојот кабинет во Владата. Тоа се луѓе кои немаат врска со партија или политика! Така ќе ја вратиме довербата на младите, да дадеме шанса да дојдат и заедно да одработиме во корист на граѓаните”.

Вицепремиерот Николовски потенцираше дека државната функција е привилегија, но и должност. Тој порача дека никој не е и не смее да биде над законот, и мора да постои ред и истиот да се почитува со одговорност од оној кој сторил казниво дело.