25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИСТОП ВЕСТИ

„Стандард и Пурс“: Денарот и банкарскиот систем се и остануваат стабилни

Во најновиот извештај на агенцијата „Стандард и Пурс“ со којшто се потврдува кредитниот рејтинг на нашата земја, „ББ-“, со стабилен изглед, одделен акцент е ставен на монетарната политика и мерките на Народната банка во текот на ковид-кризата, девизниот курс на денарот и состојбата во банкарскиот систем, соопшти Народната банка.

Од „Стандард и Пурс“ напоменуваат дека поставеноста на монетарната политика и мерките на Народната банка придонесуваат за неутрализирање на ефектите од пандемијата на ковид-19 врз македонската економија. Притоа, одделно ги посочуваат сведувањето на основната каматна стапка на историски најниско ниво, регулаторниот простор за одложување на наплатата на кредитните обврски и мерките за обезбедување дополнителна ликвидност во банкарскиот систем.

„Банкарскиот систем останува стабилен“ – истакнуваат од „Стандард и Пурс“. Притоа, осврнувајќи се на укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ напоменуваат дека тоа не е поврзано со ковид-кризата. Според оцените на „Стандард и Пурс“, имајќи предвид дека учеството на оваа банка во вкупните кредити и вкупните депозити на банкарскиот систем беше мало, односно под 2%, укинувањето на дозволата за работење на „Еуростандард банка“, воопшто нема да влијае врз стабилноста на банкарскиот систем.

Во врска со девизниот курс на денарот во однос на еврото, посочуваат дека според нивните оцени, тој и понатаму ќе остане стабилен. Притоа нагласуваат дека отсуството на краткорочни капитални текови значително ги намалува ризиците за македонската економија. Воедно, меѓу другото, во извештајот истакнуваат дека нивото на девизните резерви е адекватно и дека во јули оваа година е зголемено за 10% во споредба со крајот на минатата година, што е значајно за стабилноста на домашната валута.

Во извештајот, од агенцијата напоменуваат дека тековните случувања на депозитниот и девизниот пазар ја потврдуваат довербата на граѓаните во банкарскиот систем и во стабилноста на домашната валута – денарот.

„Стандард и Пурс“, како особено значајна ја посочуваат одлуката на Европската централна банка да овозможи Народната банка да има пристап до дополнителна девизна ликвидност во евра преку репо-линија, во износ до 400 милиони евра, доколку има потреба од тоа. Истовремено, напоменуваат дека Народната банка досега нема користено од овие средства, но располага со нив доколку би било потребно.

Според оцените на агенцијата, и покрај влијанието на ковид-кризата, македонската економија има капацитет и простор соодветно да го надмине периодот на неизвесноста креирана од глобалната криза. Во извештајот на „Стандард и Пурс“ е нагласено и дека преговорите во рамки на евроинтегративниот процес можат да придонесат за јакнење на потенцијалот на македонската економија во спроведувањето на структурните реформи.