25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Mицкоски го честита Илинден и се извини за грешките на ВМРО-ДПМНЕ од минатото

Со зборовите од Крушевскиот манифест: „Ура! За ‘Афтономна Македонија’!“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од струшкото село Ташмаруништа на граѓаните им го честита Денот на Републиката.

Во своето обраќање, Мицкоски се извини за грешките на ВМРО-ДПМНЕ од минатото и порача дека во Македонија мора да има правда, а тој нема да се откаже од таа цел. Ги нападна сите оние кои деновиве бараат одговорност од него за резултатот од изборите.

„Денес оние кои се товар во ВМРО душмански жестоко се обраќаат кон ВМРО. Целосно свесен за нивните постапки од минатото, и целосно свесен дека токму овие жестоки по-јаничарени јуришници на власта беа и товар на партијата, сакам јасно и недвосмилено да истакнам дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извинувам на народот за сите грешки и неправди кои овие луѓе ги имаат направено. Тие во ВМРО гледаат личен интерес, а јас во ВМРО-ДПМНЕ гледам кауза. Јас повеќе не сакам да ги коментирам, верувам во народот и верувам дека народот сосема јасно разбира за што овде се работи и кој за што се бори, кој ја сака и кој работи за Македонија. Ако оваа темнина е тунелот кој го создаде оваа власт, и во кој сака свесно да опстојуваме, јас ќе ви кажам дека има светло на крај од тунелот. А за тоа светло вреди и треба да се бориме“, рече Мицкоски.

Како што рече, живееме во време на неправди, удари, подмолни струи кои треба да не обесхрабрат и да се откажеме. Секој од нас, вели Мицкоски, треба да знае дека овој ден денес го славиме не затоа што илинденците се откажале, туку затоа што се бореле. А борбата за Македонија е вечна, исто како и идеалот за неа.

„Илинденците и сето она за што се бореа е нашата света кауза поради која и постои ВМРО, и ова не се само обични букви тоа е кодот на Македонецот преточен во слова зад кои има историска големина, и ако некој мисли дека ВМРО припаѓа само на една историска генерација треба да знае дека пред се тоа му припаѓа на народот, на жените и мажите, на старите, и младите, православните, католиците, муслиманите, евреите и така ќе остане“, истакна Мицкоски.

Додаде дека државата сериозно скршнува од патот на илинденските идеали и дека сето тоа е со намера за да народот биде во апатија и мисли дека сите се исти, а тоа не е така.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека во Македонија мора да има правда, а не криминал и обвинителство кое го легитимира.

Нашата Македонија заслужува подобра иднина, а не заслужува влада која преку огласи бара дивоградби, иако тие стојат пред нејзините очи. Нашата држава заслужува комплетно нова генерација на политичари и смена на транзициските ликови кои се сидрото на оваа држава. А нам ни треба едро и силен ветер да одиме напред, додава претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека државата мора да се врати на илинденските идеали, а тоа е слободата, правдата и заедништвото.

„Ова е наша заедничка задача, да ја вратиме среќата кај луѓето, да се врати насмевката, вербата во државата и да се потпираме едни на други“, додаде Мицкоски.

Во однос на формирањето на Владата, Мицкоски нагласи дека тоа е натпревар кој се игра до последна минута.