25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Заев: Успехот со добросседскиот договор со Бугарија стана инспирација и модел за соработка за регионот и пошироко

На денешен ден, пред три години, имавме чест заедно со премиерот на Бугарија Бојко Борисов, да оддадеме почит на илинденците од Крушево и АСНОМ, на светото место пред гробот на Гоце Делчев во Скопје и да го потпишеме Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, соопшти лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

-Покажавме политичка волја за прогрес, за решавање на отворените прашања и направивме историски чекор напред. Создадовме модел со кој го поставивме споделеното минато како темел за подобра иднина и подобар живот на нашите граѓани.

Перспективите на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, а подоцна и Договорот од Преспа со Грција, ни ги донесоа членството во НАТО, отворениот процес за преговори за членство во ЕУ, но и ко-претседавањето на Берлинскиот процес годинава со што за првпат земја која не е членка на ЕУ, зазема лидерска позиција во оваа регионална програма на ЕУ за Западен Балкан.

Овој успех стана инспирација и модел за соработка за регионот и пошироко, а македонскиот народ и сите граѓани на Северна Македонија ги потврдија своите најблиски сојузници на европскиот и прогресивниот пат кон подобра иднина.

Преку овој договор за иднината, се определивме заедно да ја спречуваме злонамерната пропаганда и заедно да бидеме против говорот на омраза и да го поразиме национализмот.

Рамката на иднината на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка ги упатува владите на двете земји да бидат безрезервно посветени на остварување на перспективите за развој и напредок на односите на Република Северна Македонија и Република Бугарија и за добробит на своите народи, рече Заев.