Грчките хотелиери се надеваа дека отворањето на аеродромите ќе им ги донесе неопходните туристи, но тоа не се случи. Внимателното избирање кои туристи да ги примат, а кои не Грција не ја спаси од короната, пишуваат српски медиуми.
Повеќето хотели не се отворени, а отворените работат со околу 25 отсто од каацитетите, иако е дозволено до 70, пишува „Магазин Новости“, а пренесува „Мондо.рс“.
„Јули не ’напушта’ со просечна пополнетост на хотелите од 25 отсто, а ни август нема да биде подобар“, вели Григорис Тасос, претседател на Здружението на хотелиери на Грција.
Според податоците на Банката на Грција, заработката од туризмот во таа земја паднала за 99,2 отсто во однос на истиот период лани. Водена од одлуките на ЕУ, Грција ги отвори границите за граѓаните на Унијата, но, освен Бугари и Романци, другите не дојдоа на Егејот. Грција ги затвори границите за традиционалните туристи од Русија, Србија и од Македонија. Германците, наспроти грчките очекувања, не им дојдоа. Министерот за туризам се надеваше дека домашните туристи делумно ќе ја спасат сезоната, но ни тоа не се случува.
Грчките хотелиери сега не надеваат дека крајот на август, септември и октомври ќе им донесат повеќе туристи. Туризмот полни четвртина од грчкиот буџет. Годишно таа земја ја посетуваат повеќе од 30 милиони туристи кои „оставаат“ по околу 20 милијарди евра. Сега, наместо заработка, оваа земја се надева дека наскоро од ЕУ ќе ги добие дополнителните 32 милиона евра кредити.