23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНОТОП ВЕСТИ

Новите екоавтобуси почнаа да возат во Скопје

Новите екоавтобуси на гас, од германската компанија „МАН“ од денеска почнаа да возат по улиците во Скопје. Од Градот соопштија дека возачите коишто ги возат новите автобуси на линиите 2, 5, 15 и 57, имале стручна обука од сертифициран возач од Хрватска.

„Новите автобуси се енергетско ефикасни, во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија и ги задоволуваат стандардите за емисија на Euro 6. Овој тип на автобуси е прогласен за екоавтобус за 2016 година во Европа, а во Германија ја поседува ознаката „Син ангел“ бидејќи емитуваат значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадуваат воздухот“, соопштија од Град Скопје.

Еден зглобен автобус чини 334.500 евра, а единечен 268.900 евра.

Во моментот на улиците на Скопје возат 25 нови екоавтобуси на гас од кои 20 се единечни и пет зглобни, а во текот на месецот ќе пристигнат и преостанатите осум автобуси што се дел од договорот што го потпиша Градот за набавка на 33 нови екоавтобуси.

Од Градот Скопје велат дека еден екоавтобус заштедува до 25.000 евра гориво на годишно ниво, односно во споредба со потрошувачката на старите дизел автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП, а истовремено го намалува и загадувањето на животната средина преку издувни гасови.

Од Градот велат дека двокатните кинески автобуси кои биле набавени пред осум години чинеле премногу, а се со лош квалитет и секојдневно се расипуваат, а ЈСП има проблем поради непостоење овластен застапник, а со тоа и сервисна и техничка поддршка.