Државниот пазарен инспекторат најави кривични пријави за угостителски објект на „Боемска улица“, којшто примал гости во затворен дел меѓу кои и лидер на политичка партија.
Државниот пазарен инспекторат ќе поднесе две кривични пријави против угостителски објект на „Боемска улица“ во Скопје, каде што се примале гости во затворениот дел од објектот што е строго забрането во услови на пандемија. Едната пријава е за непочитување на протоколот, а другата за спречување на инспекциски надзор. Ова на прес-конференција вечерва го најави раководителка на инспекциски надзор одделение Скопје во Државниот пазарен инспекторат, Мери Проја Продановска.
„Вечерва Државниот пазарен инспекторат во околу 18:15 часот беше спречен да изврши увид во еден угостителски објект со образложение дека објектот е од затворен тип и дека нема гости внатре. Колегите продолжија во другите угостителски објекти, но сепак се вратија кај истиот угостителски објект со уште една замолница да се отвори објектот за да извршат надзор. По некои два и пол часа успеавме да влеземе во објектот, но пред тоа имаше други дејствија, од објектот излегоа луѓе коишто инспекторите не беа во можност да ги легитимираат бидејќи неможеме да легитимираме, но препознаен е политичар, односно претседател на политичка партија“, изјави Проја Продановска.
Инспекторката апелираше на поголема јавна свест кај сите граѓани и почитување на владините мерки.
„ Мојот апел е дека Државниот пазарен инспекторат ги спроведува законите по однос на донесените протоколи во новонастанатата ситуација. Не распознаваме никого, туку сакаме да порачаме и до политичарите, до сите носители на функции, до сите граѓани да ги почитуваме мерките за заштита“, рече Проја Продановска.