Советот на Народната банка одржа редовна седница на којашто ја разгледа Годишната информација за плаќањата во 2019 година.
Според платежната статистика за минатата година, плаќањата со картички стануваат сè поприсутни во секојдневното купување на производи и услуги.
„Податоците покажуваат дека продолжува интензивниот раст на плаќањата во трговијата со платежни картички и на годишна основа во 2019 година изнесува 20,7%. Воедно, се зголемува и бројот на трансакции на физичките места на продажба со 20,4%, но уште посилно растат плаќањата со картички на интернет со 29%, на годишна основа. Притоа, процентот на население во земјата кое купува преку интернет се зголемува постојано и минатата година достигна 29% од населението кое користело интернет“, соопшти НБРМ.
Податоците презентирани во Информацијата потврдуваат дека граѓаните и компаниите сè повеќе од плаќањата во земјата ги вршат со посредство на банките преку користење на кредитните трансфери и платежните картички.
Вкупниот број плаќања извршени минатата година забележа годишен раст од 11,7%, при што е забележан поизразен раст на користењето на платежните картички, со што нивното учество во вкупните плаќања се зголеми и се изедначи со учеството на плаќањата преку кредитни трансфери. Во однос на кредитните трансфери, во рамки на Годишната информација нагласено е дека електронските кредитни трансфери растат засилено во споредба со кредитните трансфери иницирани на хартија. При годишен раст од 5,2% на вкупните кредитни трансфери минатата година, електронски иницираните кредитни трансфери растеа побрзо со стапка од 6,2% во споредба со кредитните трансфери иницирани на хартија, коишто се зголемија за 4,4%.