23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Македонија оди на избори на 21 или 28 јуни

В понеделник лидерите на македонските политички партии ќе се обидат да го договорат новиот термин за избори на лидерска средба која ќе се оддржи кај Претседателот Стево Пендаровски.

Иако ВМРО ДПМНЕ до максимум се обидува да ги пролонгира изборите, сепак тоа веќе не е можно, со оглед дека Македонија до недоглед не може да биде во вонредна состојба.

Ако СДСМ бараше избори на 14 јуни, а ВМРО ДПМНЕ кон средината на јули (12 или 19 јули), тогаш единствено решение е да се најдат на пола пат, а тоа е или 21 јуни или пак најдоцна 28 јуни.

Со оглед дека опозицијата не сака да се свика парламентот, единствена опција е изборите да се оддржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба.

Според пресметките доколку изборите се оддржуваат на 21 јуни, тогаш вонредната состојба мора да прекине на 30 мај, доколку пак изборите би се оддржале на 28 јуни, вонредната состојба треба да прекине на 5-ти јуни.

Избори под посебни здравствени услови
Изборите ќе бидат под посебни здравствени услови, а најверојатно поради протоколите кои ќе мора да се следат би можеле да траат 2-3 часа повеќе од вообичаеното.

Пример ако изборите почнуваа во 7 а завршуваа во 19 часот, сега тоа може да биде да почнуваат во 6 а да завршуваат во 20 или 21 часот.

Избори веќе закажаа многу земји низ светот каде пандемијата од коронавирус е во затишје, како на пример Србија, која ќе излезе на избори на 21 јуни.

ОБСЕ ќе ги набљудува изборите, ДИК има шанси да се спреми дотогаш
Од ОБСЕ на МНР им најавиле дека тие ќе ги набљудуваат изборите кои би се оддржувале во Македонија.

Државната изборна комисија пак има реални шанси да се спреми до изборниот процес, со оглед дека подготовките беа започнати дури и пред коронавирус кризата.