Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, денеска треба да се појави во Основниот кривичен суд во Скопје како сведок во предметот за организаторите на 27 април. Спасовски е повикан да сведочи за настаните во Собранието на 27 април 2017 кога тој беше пратеник. Покрај премиерот, за денешното рочиште е планиран уште еден сведок.
Обвинети во овој случај се тогашниот претседател на законодавниот дом, Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во истрагата за овој предмет беа опфатени и бившиот премиер Никола Груевски и поранешниот разузнавач од УБК, Никола Бошковски. Двајцата избегаа од државата, Груевски во Унгарија, а Бошковски во Грција, па кога обвинителката Вилма Русковска го поднесе обвинителниот акт, тие не беа на листата со обвинети и беше соопштено дека постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе им бидат достапни на органите.
Ова е второ сведочење на Спасовски, кој беше повикан во судот како сведок за најмасовниот предмет поврзан со крвавиот четврток, во кој имаше 33 обвинети, од кои 15 добија амнестија.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...