24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАБИЗНИС

На сметките на илјадници фирми ќе легнат субвенциите од државата – Плата од 14.500 за секој вработен

„На сметките на 21.542 компании ќе легнат средствата од 14.500 денари по работник за исплата на априлската плата како резултат на владината уредба за финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати за април.

Ова е резултат само од оваа антикризна мерка на Владата како поддршка на стопанството за ублажување и справување со последиците од коронакризата која е од значителна помош за компаниите кои беа први на удар на кризата и кои ги исполнија условите, односно покажаа загуби со закана за загуба на работни места“, соопшти денеска Владата.

„Од вкупниот број на поднесени барања, 2.377 барања се од угостителската дејност, 253 се туристички агенции (туроператори), 2.177 се од дејноста транспорт, 258 се од објекти за сместување, а 16.625 се од останатите дејности“, се наведува во соопштението.

„Со уредбата на Владата за оваа мерка можеа да аплицираат и самостојните вршители на дејност (трговец-поединец, лице кое врши земјоделска, занаетчиска дејност и лице кое врши услуги, кое остварува доход од вршење на дејност и е запишано во соодветен регистар), ним им се одобрени 5.840 барања за финансиска помош од 14.500 за исплата на плати за април.

Грижата за секое работник и за неговото работно место беше цел и на дополнувањето на оваа уредба со што работодавачите можеа да ги вратат назад на своите работни места работниците на кои им беше прекинат работниот однос во периодот од 11-ти март до 30-ти април. Благодарение на ова дополнување до 7-ми мај, до кога беше определен рокот за ова, околу 500 работници се вратија на своите работни места.

На останатите им останува правото за надомест заради изгубено место во определен број на месеци соодветно на нивниот работен стаж и во висина од 50% од просечната нето плата во последните 24 месеци, мерка која се спроведува преку Агенцијата за вработување.

Паралелно со оваа, во тек се и спроведувањето на мерките Ковид 1 и Ковид 2 бескаматни кредити од линиите на Развојната банка на Северна Македонија, во вкупен износ од 13.7 милиони евра, кои што ги таргетираат микро, малите и средни претпријатија погодени од кризата“, стои во соопштението на Владата.

„Од линијата кредити Ковид 1 досега се одобрени вкупно 631 кредитни апликации за исто толку компании со 5.588 вработени.
По структура од вкупно одобрените кредитни апликации, микро компаниите до 10 вработени учествуваат со 76%, малите компании до 50 вработени учествуваат со 22%, а средните компании до 250 учествуваат со 1%.

За втората линија бескаматни кредити – Ковид 2, се примени околу 2.500 апликации. Повикот е објавен на 29-ти април, а ќе трае до 13-ти мај 2020 година. Владата повикува компаниите да аплицираат и за овие поволни кредити кои ја поддржуваат нивната ликвидност“, стои во соопштението на Владата.

„Наскоро преку комерцијалните банки ќе биде пласирана и линија со исклучително поволни кредити во износ од 51 милион евра.

Во широкиот и сеопфатен пристап на дизајнирање на мерките за ублажување на економските последици опфатени се и интервенции за одржување на ликвидноста на стопанството, во таа насока беше овозможен брз поврат на ДДВ-то.

Од почетокот на годината заклучно со април фирмите добиле поврат на ДДВ од 145 милиони евра.

Тоа е за 16.7% повеќе во однос на претходната година. Само за месец април повратот на ДДВ кон компаниите е 38 милиони евра или за 23% повеќе во однос на истиот месец лани“, се наведува во соопштението на Владата.

„Во однос на 2018 година повратот на ДДВ за периодот јануари-април е зголемен за 19.4%, додека во однос на 2017 за високи 67.6% повеќе.
Во време на здравствено-економска криза Владата, покрај здравјето, го стави справувањето со економските последици на граѓаните и стопанството на врвот на листата на приоритети.
За да го помогнеме намалувањето на негативните ефекти од кризата донесовме мерки за одложување на обврската за аконтации на данок на добивка и данок на личен доход.

За ослободување од плаќање на аконтации на данок на личен доход поднесени се 816 барања – прифатени се 597 барања.

За ослободување на плаќање на аконтации на данок на добивка поднесени се 1.019 барања – прифатени се 747 барања.

Ја поттикнавме и солидарноста на секој граѓанин одделно во услови на оваа криза од коронавирусот. На 5-ти мај заврши можноста за донација преку апликацијата МојДДВ каде 8.700 корисници на апликацијата, одговорија потврдно на опцијата за донирање, односно одлучија да го донираат својот поврат на ДДВ. Износот на донација изнесува 9.529.917 денари кој ќе се донира во фондот за справување со КОВИД-19.

Во оваа ситуација беше исклучително важно да покажеме најсоодветна грижа за нашите сограѓани во социјален ризик и за граѓаните кои се дел од неформалната економија со релаксирање на критериумите и начинот на користење на правото за минимална помош и брз влез во системот на социјална заштита“, објавија од Владата.

„Го продолживме времетраењето на олеснетиот услов за утврдување на материјална необезбеденост како услов за добивање гарантирана минимална помош, и го проширивме опфатот на ранливите групи граѓани кои може да добијат финансиска поддршка.

Од носењето на првата уредба со законска сила за Законот за социјална заштита, односно од 3-ти април во центрите за социјална работа имаме околу 1.000 барања за остварување на правото на гарантирана минимална помош и тие се решаваат тековно.

Во тек се преговори со Светска банка за нов проект за брзо дејствување против последиците од кризата предизвикана од КОВИД-19. Проектот е во износ од 90 милиони евра и се состои од две компоненти – првата компонента се однесува на зајакнување на здравствените капацитети а втората компонента е за поддршка на домаќинствата и се однесува на обезбедување поддршка за трансфери за ранливи домаќинства погодени од последиците од коронавирусот и паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места како резултат на кризата“, објавија од Владата.

„За дополнителна поддршка на ранливите семејства е и мерката со која околу 30.000 домаќинства, корисници на социјална помош, добиваат по 1.000 денари енергетски додаток, освен за месеците април и мај, се до септември, односно и надвор од грејната сезона.
Мерките за поддршка на компаниите ја поттикна и брзата адаптација на текстилната индустрија и земјоделството. Со брзото прилагодување на ситуацијата за производство на лична заштитна опрема, за што Владата објави јавен повик, текстилните компании се адаптираа на потребите и на поширокиот пазар, па така извозот на маски, скафандери и друга заштитна опрема е речиси за 300% поголем со април минатата година.

Во критичен момент, кога настапи полниот ек на сезоната на работата во земјоделството, особено во производството на раноградинарските култури Владата ги иззеде земјоделците од уредбата за ограничување на движењето, и во овој период имаме зголемен извоз на раноградинарски култури“, стои во соопштението на Владата.

„Владата на Северна Македонија презеде навремени и сериозни мерки за помош на граѓаните, на економијата, и спас на што повеќе работни места, а во подготовка е нов сет мерки, насочени кон реконструирање и заживување на македонската економија.

Сите досегашни мерки се активни и доколку биде потребно, ќе се применуваат и понатаму. Во тек е подготовката на третиот пакет мерки кои ќе понуди директна поддршка и помош за граѓаните и домаќинствата преку јакнење на јавната и приватната потрошувачка, мерки кои ќе дадат стимул за полесно и побрзо надминување на економските последици од коронавирусот за навремено да можеме да фатиме чекор за заживување на македонската економија и нејзин динамичен раст и развој“, порачаа од Владата.