Во одговор на новинарско прашање, дали се размислува како ќе се организираат изборите, во период кога граѓаните се уште мора да носат заштитна опрема и да ги следат препораките за заштита од коронавирусот, генералниот секретар Љупчо Николовски истакна дека новата нормалност што ја наметнува борбата против коронавирусот ќе се однесува и на изборниот процес.
„Факт е дека навременото преземање на мерки и политики од страна на институциите и државата како и одговорното почитување на мерките од страна на граѓаните, придонесува оваа здравствена криза да се става под контрола. Во овој период се намалува бројот на новозаболени, а драстично се зголемува бројот на оздравени. Тоа го отвора прашањето за враќање во нормала во секојдневниот живот, тоа значи одење кон едно ново секојдневие, нова нормалност, но тоа не значи дека граѓаните треба да се опуштат во почитувањето на мерките. Факт е дека маските и дистанцата остануваат наше ново секојдневие при сите активности. Тоа значи и во контекст на изборниот процес кој се наметнува по справување со коронавирусот, односно маските и држењето дистанца, како и другите медицински протоколи. ќе бидат дел и од изборниот процес“ порача Николовски.
Генералниот секретар Николовски додаде дека во партиските активности нема да има масовни собори, а комуникациите ќе се одвиваат преку дигиталните алатки.
„Почитувајќи ги сите мерки, ние ќе избегнуваме масовни собири и нивно организирање и се повеќе ќе се користат дигиталните, електронски начини на комуникација со граѓаните во целиот овој период, вклучително и во кампањата што претстои. Но пред се, добро е што бројката на заболени се намалува и што полека се движиме кон новото нормално секојдневие“ заклучи Николовски.
.