Побарувачката на пари во готовина е зголемена два до три пати во Австрија поради кризата со пандемијата на коронавирусот.
Гувернерот на Националната банка на Австрија, Роберт Холцман укажува дека Австријците дневно подигнуваат околу 600 милиони евра во готовина.
Тој истакна дека има доволно готовина и банкоматите се полни, додавајќи дека Австријците вообичаено дневно подигнуваат околу 200 милиони евра.
Холцман изјави дека околу 9.000 банкомати низ земјата се полни секојдневно, па доколку на некој апарат снема пари, тоа може да трае само до следниот ден.
Препорака е да не се користат пари во готовина, туку повеќе да се плаќа со картичка. Дури и службите за доставување храна преминале на безготовинско плаќање со цел да се намали ризикот од зараза.
Поради актуелната ситуација, Националната банка на Австрија воведе почести консултации со банките за состојбата со резервите на пари, односно ликвидноста.