24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

МОН: Образовните установи не работат, наставниците на работа само ако имаат итни обврски

Согласно заклучоците донесени на 15. владина седница, кои се однесуваат на воведување дополнителни мерки во рамки на системот за заштита на јавното здравје поради ризикот од ширење на коронавирусот, Министерството за образование и наука информира дека образовните установи во земјата – основните и средните училишта, универзитетите и јавните научни установи, вклучително и ученичките и студентските домови добија нови насоки за постапување и истите стапуваат на сила од денеска.

Сите образовни установи го прекинуваат воспитно-образовниот процес во следните 14 дена. Тоа значи дека учениците и студентите нема да посетуваат настава, а воедно во истиот овој период нема да бидат достапни за користење ниту просториите, односно услугите на државните студентски и ученички домови.

Истовремено, дадена е и насока за прекинување на посетата на сите воннаставни активности и други приватни активности кои децата ги извршуваат надвор од наставата (посета на воспитно-образовни активности, курсеви, дополнителни часови, спортски тренинзи и слично) во наредните 14 дена.

Сите вработени во основните и средните училишта се целосно ослободени од работните обврски. Административниот кадар во високообразовните установи, јавните научни установи и во ученичките и студентските домови има обврска да биде на работа, со исклучок на хронично болните, бремените жени и родителите кои имаат деца со навршена возраст до 10 години. Препорака за наставниот кадар на високообразовните и научните установи е да оди на работа само во случаи на неодложни обврски – давање потписи, одржување состаноци и други тековни работи.

Во меѓувреме, Министерство за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука, согласно одредбите од Законот за основното образование и Законот за средното образование, ќе подготват план за организирање на наставата за деновите кои нема да се работат.

„Исто така, информираме дека и понатаму на сила се препораките дадени на 26.2.2020, а кои се однесуваат на одложување на сите планирани патувања и екскурзии на ученици и студенти во ризични земји и региони посочени од страна на Светската здравствена организација, како и одржување на хигиената во просториите на образовните установи на највисоко ниво. Воедно апелираме и на континуирано следење на сите евентуално нови насоки и препораки кои ќе бидат давани од Светската здравствена организација, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Владата“, се вели во соопштението на Министерството за образование.