Владата донесе одлука да се прекине образовниот процес во наредните 14 дена. Се следи активно состојбата, како што поминува времето ќе ги носиме следните одлуки. Во однос на одлуката за родителите, откако ќе се затворат образовните функции мора да има мерки за згрижување на децата особено оние до 10 години или до четврто одделение. Еден родител треба да да биде ослободен од работа, и да достави потврда дека детето му оди во училиште или градинка. Ова ќе биде платено отсуство, не треба да се зема боледување или одмор. Финансискиот сектор прави проценки за надоместок во однос на финансиска поддршка за компаниите доколку продолжи ваквата состојба, изјави Дамјан Манчевски министерот за информатичко општество и администрација.
Манчевски додава дека мерката за родителите важи за сите освен за вработените во безбедностниот сектор, здравствениот или полицијата.
-Професијата што сите ја работиме бара ризици и откажувања, во овие моменти треба да покажеме општествена одговорност. Во ваква ситуација здравствените установи и безбедносните институции мора да останат со полн капацитет. Доколку двајцата родители се од ваков тип ќе има дополнителни мерки, вели Манчевски.
Во однос на бремените жени и хронично болните, Манчевски информираше дека мерката веднаш стапува на сила исто како што е со загадувањето, овие групи на граѓани не треба да одат на работа.
-Мерките кои ги применуваме се применуваат во сите држави. Меѓу другото и забрана за собир над 1000 луѓе. Владата и органите ги откажуваат сите настани и од помал обем што се во организација на институциите, секаков вид на тренинзи, обуки, семинари. Откажани се и состаноците на меѓународно ниво, вели Манчевски.
Министерот вели дека нема простор за паника, ова се превентивни мерки со цел да не дозволат услови за проширување на вирусот.
– Луѓето не треба да паничат само треба да се придржуваме до мерките и препораките. Така ќе ја намалиме опасноста за повеќе заболени, вели Манчевски.