23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев на Конгресот на СДСМ: Ние сме партија на прогресот, нашите политики ги враќаат парите кај граѓаните и носат иднина во ЕУ и НАТО

„СДСМ е предводник на промените, партија која го унапредува политичкиот плурализам, партија на прогресот во Северна Македонија, партија која работи за сигурна македонска иднина. Денес, сите ние кои сме дел од СДСМ ги продолжуваме одговорните и државотворни политики што водат напред, кон интеграција, кон развој, кон подобра иднина за сите граѓани. Две и пол години СДСМ ја предводи власта. Две и пол години државата, општеството напредуваат во секое поле“, им се обрати претседателот Зоран Заев на присутните на 24.Конгрес на партијата на кој се објавуваат листите со кандидати за изборите.

Во победничка атмосфера тој наброја многу од проектите реализирани во мандатот на СДСМ.

„Во 2016 година најавивме концепт со кој парите ги враќаме назад кај граѓаните. Денес, тој концепт е целосно исполнет. Затоа е укината е радиодифузната такса, воведовме евтина дневна тарифа на струјата за помали сметки во семејствата, ги намаливме трошоците за катастар, за адвокатски, нотарски и извршителски услуги, сериозно ги намаливме и казните за физичките лица, за 300 отсто ја зголемивме социјалната помош, го проширивме опфатот на детски и образовен додаток, а воведовме и социјална пензија. Субвенциите за земјоделците ги зголемивме и ги исплаќаме навремено, а 55.000 земјоделци набавуваат нафта за 30 отсто поевтина. Над 8,5 милиони евра враќаме директно на сметките на граѓаните преку мерката мој ДДВ“, истакна Заев.

https://youtu.be/hboxMgWNytg

Понатаму во говорот тој се осврна и на зголемените плати, просечната е близу 27.000 денари, а минималната порасна на 14.500 денари, додека пензиите пораснале за 722 денари, а до крајот на годината ќе пораснат и до 900 денари. Успешните економски политики се препознаени и потврдени преку сите економски параметри.

„Последен доказ е растот на БДП од 3,6 отсто за 2019 година што е повеќе од проектираните 3,5 отсто. Да потсетам, пред нецели три години, државата ја затекнавме во финансиски колапс, БДП беше минус 1,8 отсто. Стапката на невработеност ја донесовме на историски минимум од 16,6 отсто, расте извозот, расте и индустриското производство. Сето ова го постигнавме додека решававме децениски, тешки прашања. Сите добро знаеме, го исправивме патот напред за нашата татковина. Кревавме плати додека ја враќавме слободата. Нема веќе страв. Нема медиуми под диктат. Нема газење врз луѓето. Напротив, има вложување во луѓето. Парите одат кај народот, а не во стиропор фасади, жални врби и галии. Државата од изолација и стагнација ја донесовме на патот на евроинтеграциите. Денес, нашата убава земја, Северна Македонија, е 30 земја членка на НАТО, и на чекор пред започнување преговори со ЕУ“- подвлече Заев.

Тој навести дека во некои сегменти преостанува уште многу работа, како на пример во правосудството.

„Требаше време, но по серија реформски закони, конечно донесовме нов, ефикасен и современ Закон за Јавно обвинителство. Предметите ќе имаат завршница. Политичарите остануваат на страна од обвинителите и судиите. Нема скриени амнестии. На некого ова не му се допаѓаше, но оние кои се за правда надгласаа со две третини во Собранието. Сега правосудството е на ред да испорача правда без да се соочува со политички притисоци. Тоа не е само мое или ваше очекување. Тоа е очекување на сите граѓани, на сите наши пријатели и сојузници. Затоа и во следниот период ќе работиме на поддршка на судството да делува независно, неселективно и професионално“, заклучи претседателот Заев на Конгресот.