Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, со цел поддршка на научната и креативната работа на младите од земјава, го воведува признанието „Успешни млади“.
Целта на признанието „Успешни млади“ е да ја поттикне научната, истражувачката и креативната работа на младите луѓе од нашата земја, да се зголеми нивната мотивација за нови достигнувања и вреднување на нивниот труд.
Признанието ќе го доделува претседателот на Република Северна Македонија. Истакнувајќи дека нема надлежност во работата на комисијата, претседателот Пендаровски искажа верување дека признанијата ќе ги вреднуваат најдобрите.
„Ова е проект што ги вреднува трудовите на талентираните луѓе, а оценката на пријавените трудови ќе ја прават извонредни професори, научници, доктори на наука“, истакна претседателот Пендаровски на отворањето на седницата.
Признанието ќе се доделува врз основа на прецизно утврдени критериуми за резултати постигнати во текот на 2019 година на најдобри млади научници во општествени, хуманистички, природно-математички, технички и медицински науки, како и на млади со значајни достигнувања во уметничките и културните практики. Исто така, признанија ќе се доделуваат и во категориите млади иноватори, таленти и успешни млади со попреченост.
Комисијата за признанието „Успешни млади“, која вчера ја одржа својата конститутивна седница, е составена од академици, доктори, експерти во конкретни области, еминентни професори на универзитети во нашата земја, но и надвор од неа. Претседател на комисијата е проф. д-р Анета Цекиќ, професорка на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во работата на комисијата свој придонес ќе дадат и советничките на претседателот Искра Гешовска – од областа на културата, Фикрија Таир – за прашања поврзани со ромската заедница, Марија Башевска – за родови прашања и Беса Арифи – за правни прашања.
Јавниот повик за доставување пријави за признанието „Успешни млади“ за 2019 година ќе биде објавен набргу. Може да се пријават сите што заклучно до крајот на 2019 година навршиле 35 години, а кои постигнале значајни резултати во соодветната категорија. Исклучок е шестата категорија – млад талент за која имаат право да се пријават само ученици од средните училишта. Со воведување на признанието за успешни млади со попреченост целта е да се подигне јавната свест за способностите на младите што имаат развојни тешкотии и да се подобри нивната инклузија во образовниот процес и општеството.