25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Премиерот Спасовски: Нашите пријатели во Брисел ги делат со нас очекувањата за официјализирање на членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски ја заврши дводневната посета на Брисел каде што учествуваше на донаторската конференција „Заедно за Албанија“ и каде што оствари средби со претседателот на Европскиот Парламент Давид Сасоли, со претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен, со еврокомесарот за проширување и соседска политика на ЕУ Оливер Вархеји, со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, како и со други дипломати од Европа и САД.

Во завршницата на престојот во Брисел, за остварените средби премиерот Спасовски даде изјава за медиумите што ви ја пренесуваме во целост:

„Сакам да го изразам моето задоволство што имавме можност да оствариме средба со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Разговаравме за следните чекори, за официјализирањето на членството на Република Северна Македонија во НАТО, како еден од најзначајните чекори за стабилноста на граѓаните од нашата земја, како и за целиот регион.

Секако, оваа посета ја искористивме за да оствариме средба со претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Разговаравме за европските перспективи на државата, за тоа дека Република Северна Македонија ги оствари сите зацртани планови за нашето започнување на преговорите со ЕУ. Навистина, очекуваме што е можно поскоро Европскиот Совет да донесе одлука за отпочнување преговори на Република Северна Македонија за членство во ЕУ.

Една од клучните задачи во Брисел беше да учествуваме и на конференцијата „Заедно за Албанија“ за донации за обнова на земјата после тешкиот земјотрес во оваа земја. Тоа покажува дека сме подготвени за регионална соработка, за солидарност, и навистина сме задоволни што можевме да помогнеме и да бидеме дел од оваа донаторска конференција“.