25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Објавен јавниот повик за млади земјоделци, годинава финансиската поддршка е зголемена на 20.000 евра

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска го објави јавниот повик за мерката „Поддршка за поттикнување на земјоделското производство“. Од денеска до 3 март годинава сите млади земјоделци до 40 години ќе можат да поднесуваат барања за финансиска поддршка за поттикнување на земјоделското производство. Оваа година финансиската поддршка е зголемена од 10.000 на 20.000 евра.

Условот за користење на финансиската поддршката е корисниците да бидат запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства, носителот на земјоделското стопанство да нема повеќе од 40 години на денот на поднесување на барањето за поддршка, и земјоделското стопанство да не користело помош од мерката 112 млади земјоделци. Со ваквиот критериум им се овозможува на сите оние кои не добиле финансиска помош од оваа мерка по претходниот повик, да можат сега да поднесат барања.

Барателите на оваа поддршка потребно е да креираат електронско барање со податоци за локацијата на инвестицијата и електронски да ги прикачат понудата, деловниот план за предлог-инвестицијата и истите на крај да ги испратат по пошта или да ги донесат лично во агенцијата. Барањата и целата документација може да се најдат на веб-страницата на агенцијата. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања по различни мерки земајќи ги во предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој 2020.

Финансиската поддршка до 20.000 евра е наменета за млади, невработени лица кои сакаат да инвестираат во изградба, доградба и опремување на објекти за преработка од сите земјоделски гранки.