24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Заев: Повеќе од јасно е дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не сакаат Закон за СЈО, нека покажат дека не го опструираат законското решение

„Повеќе од јасно е дека Христијан Мицкоски и опозицијата не сакаат законско решение за јавното обвинителство и затоа ги повикувам да ме демантираат“, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев во одговори на новинарски прашања.

Претседателот Заев истакна дека ВМРО-ДПМНЕ можеле да поднесат конкретни предлози за Законот и пред две години и пред шест месеци но не го сториле тоа, но денеска сме во последната фаза, на неколку денови пред распуштање на парламентот и денеска Владата требаше да го усвои предлог Законот кој потоа би влегол во собраниска процедура.

„Во време кога на сите ние јасно дека Законот можеме да го донесеме сега или да чекаме да го донесеме по изборите без разлика кој ќе биде власт а кој опозиција, би било сулудо да не го донесеме сега. Со тоа ќе дадеме дополнителен аргумент на ЕУ. Дури сега да се формира работна група која би работела на законско решение, тогаш кога би бил предложено законското решение? Во октомври годинава или напролет наредна година? Треба сериозно да ја сфатиме работата, затоа што се работи за нашата држава, се работи за стратешка цел – почеток на преговорите со ЕУ. И навистина, сакам Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да ме демантираат, дека не се против законот, дека не сакаат намерно да го опструираат законското решение, а тоа ќе го направат ако дадат конкретни предлози“, посочи претседателот Заев.

Заев посочи дека пролонгирањето на распуштањето на Собранието, не значи и одлагање на изборите.

„Не гледам никаква причина за одлагање на изборите, тие се фиксирани на 12 април, но истовремено можеме да го искористиме тој меѓу период од 45 до 60 дена за распуштање на Парламентот. Изборите пак можат да бидат распишани на 60 дена, но распуштањето на Собранието може да се помести за ден, два, три за да се донесе ова законско решение, секако запазувајќи ги законските рокови на ДИК, но тие се врзани со распишувањето на изборите, а не со распуштањето на Собранието. Сепак постојат законски решенија кои се многу значајни како Законот за јавно обвинителство. Законот за одбрана и протоколот за НАТО кои треба да се донесат пред распуштање на Собранието, но ако треба неколку денови плус тоа да биде овозможено. Нема да дозволам пратеничката група која има мнозинство во Собранието да гласа за негово распуштање, без притоа да гласа за Законот за јавно обвинителство. Законот може биде гласан со консензус, може да биде гласан со двотретинско мнозинство а може да биде гласан и со помалку од потребното мнозинство и да не помине, но наша должност е да го ставиме на гласање, да испратиме сериозна порака до ЕУ дека правиме се за да ги продолжиме реформите“, заклучи претседателот Заев.