-Наќе Чулев, технички министер за внатрешни работи, во текот на вчерашниот ден беше во работна посета на СВР Штип. Во официјалното соопштение на МВР, меѓу другото, јавноста се информира: „На средбата со раководството на СВР Штип министерот Чулев истакна дека е потребно сите да дадат свој придонес за обезбедубање фер, демократски и мирен изборен процес и дека за тоа потребна меѓусебна соработка и координација.“ Но техничкиот министер ја злоупотреби службената посета, користејќи службени возила, придружба и обезбедување. Во текот на работното време, по службените средби во СВР Штип, тој одржа и координативна партиска средба, објави Цивил Медиа.
-Според пријавата од граѓани, техничкиот министер Чулев ја искористи службената посета на Штип за организирана партиска средба со активисти и раководители на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е во спротивност со стандардите за добри изборни практики и претставува злоупотреба на службената положба и јавните ресурси.
Во втората граѓанска пријава се говори за тоа дека во текот на вчерашниот ден Штип бил под опсада. „Луѓето се револтирани. Таман заборавивме на сето претерување и аздисаност“ – се вели во реакцијата на една граѓанка.
Уште една пријава до мониторинг тимот на ЦИВИЛ гласи:
„Граѓаните вчера го почувствуваа режимот во Штип на еден ден. Пред некое време имавме цела влада овде, а градот тоа не го ни почуствува. Вчера цел град блокиран, на секое ќоше полиција и полициски коли, блокирани улици, на автопатот исто. Велат, имаат протокол министрите, не знам на колку метри да има полиција, ама ова било надвор од контрола. Полиција, полициски коли со ротациони светла на страната по улиците паркирани…“
Извештајот е подготвен врз основа на пријава од граѓани и е дел од мониторингот на ЦИВИЛ. Организацијата ги охрабрува граѓанките и граѓаните да продолжат со пријавување на случаи на злоупотреби во изборен контекст, пишува Цивил Медиа.