25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ангеловска ја потпиша Мултилатералната конвенција на ОЕЦД за мерки за спречување даночна евазија

Министерката за финансии Нина Ангеловска ја потпиша Мултилатералната конвенција за мерки за спречување на ерозија на даночната основа и преместување на профитот, во рамки на 8. состанок на БЕПС (Рамка за мерки против даночна евазија на ОЕЦД), кој се одржува во Париз, Франција. Со потпишување на овој мултилатерален договор ќе се зајакнат постојните договори за избегнување на двојно оданочување, во насока на борбата против даночната евазија.

„Пристапувањето кон оваа мултилатерална конвенција ќе ѝ помогне на нашата земја да се бори против злоупотребата на билатералните договори и ќе ги зајакне постојните договори против избегнување данок и против вештачко префрлање на профитот на локации со пониски даноци, или каде нема да се плати данок. Досега имаме потпишано билатерални договори за избегнување на двојно оданочување со 49 земји. Билатералните договори се потпишувани низ годините и голем дел од нив се по застарени стандарди. Потпишувањето на конвенцијата ќе ни овозможи обновување на сите договори одеднаш и додавање на дополнителна заштита против двојно неоданочување и штетните даночни практики“, рече Ангеловска.

Инаку, Република Северна Македонија е 94. земја која ја потпишува оваа конвенција.

Главната тема за дискусија на 8. БЕПС состанок се даночните предизвици кои произлегуваат од дигитализацијата. На состанокот присуствуваат 350 делегати од 122 земји кои дискутираат за предизвиците, со цел да најдат консензус и да утврдат чекори кон потенцијални решенија, од кои некои можат да направат промени во меѓународните даночни норми, кои исто така се од голема важност за земјите во развој.

„Дигиталната ера во која живееме бара нови решенија за справување со новите предизвици. Алокацијата на даночните права и профит што с еоданочува повеќе не може да се препише само според физичката локација. Глобализацијата и дигитализацијата овозможуваат компаниите да продаваат и водат бизнис во земји без да инвестираат во локална инфраструктура и оперативни активности. Фактот што интеракциите со клиентите може да се водат од различни локации овозможува бизнисите да имаат активно присуство во земјите без какво било физичко присуство. Автоматизираните дигитални услуги отвараат нови предизвици и дискусии за нивно дефинирање. Потребни се транспарентни интернационални даночни правила. Од исклучителна важност е да фатиме чекор и да бидеме во тек со можностите, но и предизвиците кои ги отвора дигиталната економија, особено за малите земји во развој како нас“ посочува министерката за финансии Ангеловска.

Во август 2018 година Република Северна Македонија стана 117-та земја членка на БЕПС Инклузивната рамка. Во оваа Рамка рамноправно со останатите земји учествуваме во преземање мерки за спречување одбегнување на плаќање на данок, односно мерки за зачувување на сопствената даночна основа. БЕПС-пакетот е составен од 15 мерки во рамки на кои се утврдени активности кои ќе им помогнат на земјите во справувањето со можностите за одбегнување на плаќањето на данок. Република Северна Македонија активно учествува во имплементирањето на овој пакет на мерки.