24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Арсовски: Членови на комисија биле менувани додека траела незаконската постапка за испорака на пасоши

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ изнесе нови обвинувања за постапката за набавка и испорака на пасоши и документација за лична идентификација за периодот 2020 – 2021 година.

Од партијата велат дека МВР под водство на СДСМ под сомнителни околности и на крајно незаконски начин склучило договор за набавка и испорака на пасоши и документација за лична идентификација во вредност од над 19,5 милиони евра, а додека траела постапката, биле менувани членовите на комисијата за донесување на оваа јавна набавка.

„Комисијата брои 7 члена, од кои 1 претседател и 6 члена, и уште 7 заменик-члена, односно 1 заменик-претседател и 6 заменик-члена. Најверојатно, некои од овие членови не им биле по теркот на СДСМ и на Оливер Спасовски и, најверојатно, не сакале да замижат и да го аминуваат тековното прекршување на постапките, па така можеби досега помалку познато и нечуено, на 2 октомври 2019 година, кога веќе трае постапката за оваа јавна набавка, се менуваат 5 од 7-те члена кои се редовни и 4 од 7-те заменик-члена во комисијата. Важно е да се напомене дека комисијата е сменета во текот на постапката по истекувањето на важноста на понудата, што аналогно на тоа, наместо да се поништи целата постапка за оваа јавна набавка, таа продолжува со сега веќе нова комисија со вкупно 9 нови члена од вкупно 14, односно, како што реков, 5 нови члена кај редовните 7 и уште 4 нови члена кај замениците, кои исто така се на број 7“, рече партискиот портпарол, Димче Арсовски.

Тој нагласи дека, според нивните информации, оваа одлука не била потпишана од претседателот на комисијата и од членовите на комисијата, кои се од одделението за јавни набавки, бидејќи биле свесни за очигледното прекршување на процедурите при јавната набавка и постапката.

Арсовски и денеска го повика Јавното обвинителство сериозно да пристапи кон овој случај.