9.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Шекеринска: Од 1 март дополнителни 7.000 денари за сите припадници на Армијатa

Министерската за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска, заедно со британскиот бригаден генерал Хју Лојд Џонс, ги посети припадниците на Армијата во касарната „Јане Сандански“ во Штип. Во изјава за медиумите таа рече дека штипската касарна е место за добри вести.

„Тука бев кога првпат најавивме подобрување на условите за работа и покачување на платите на припадниците на Армијата пред две години. По две вакви покачувања, денеска во Штип можам да потврдам дека на сите припадници на Армијата од крајот на овој месец ќе бидат дополнително зголемени 10 отсто, а дека со почеток од март сите припадници на Армијата, оние што имаат над тригодишни договори, ќе добиваат месечни надоместоци за станарина во износ од 7.000 денари секој месец. Тоа значи дека ако пред две и пол години платата на одреден професионален војник изнесувала 20.000 денари, тогаш заедно со овие покачувања, заедно со станарината, тој или таа сега секој месец ќе добиваат над 30.000 денари, што значи дека токму за оние што имаат најниски примања во Армијата зголемувањето на месечните приливи ќе биде над 50 отсто“, рече Шекеринска.

Шекеринска додаде дека на овој начин им се зголемуваат мотивираноста и желбата на припадниците да продолжат тука да работат, но и се подобруваат условите, со што се покажува дека нашата Армија е подготвена да биде Армија на НАТО.

„Во кампањите што ги водевме изминативе години велевме: ‘Ние сме НАТО’. Оваа година навистина ќе станеме членка на оваа најголема алијанса. Меѓутоа, членството значи и повисоки стандарди и повисока професионалност и повисоко знаење. И затоа ми е навистина задоволство што токму во Штип ќе биде лоциран нашиот главен НАТО-ресурс, лесната пешадиска борбена група, која ќе ги има и повисоките стандарди на обука и повисоките стандарди во дел на опремата. На крајот на минатата година успеавме да го потпишеме првиот договор со кој обезбедивме оклопни возила токму за оваа група. Меѓутоа, опремата е дел од процесот. Најважниот дел во нашиот процес се луѓето. Покажавме дека ни се важни со зголемување на нивните приходи, но сега, денеска, овде во Штип и во Криволак, покажуваме дека ни е важно, пред сè, нивното знаење и сакам да ја изразам мојата благодарност до Обединетото Кралство, кое во овој момент е фокусирано токму на обука на луѓето што ќе бидат рамката на оваа борбена група. Денеска, некои од нив се тука во Штип, други се на терен во Криволак. Навистина ќе ни биде задоволство преку вакво сојузништво со една од нашите стратешки партнери, Обединетото Кралство, да покажеме за што сè е подготвена нашата армија. Ова е плус за нас, ова е плус за припадниците на Армијата, но ова ќе биде и плус во поглед на НАТО-ресурсите, сите за еден и еден за сите“, рече министерката Шекеринска.

Бригадниот генерал, Хју Лојд Џонс, изјави дека Обединетото Кралство со нетрпение очекува да ја поздрави Северна Македонија како 30-та членка на семејството на НАТО.

„Лесната пешадиска баталјонска група што ја развива Армијата на Република Северна Македонија ќе биде подобро опремена, подобро обучена и ќе има подобри ресурси од која било друга конвенционална единица што ја претставувала АРСМ на терен. Оваа способност ќе биде организирана и обучена во согласност со НАТО-стандардите и ќе биде основа на воениот придонес на Армијата кон алијансата“, рече Џонс.

Тој додаде дека Обединетото Кралство многу ја цени можноста да даде своја поддршка на приемот на Северна Македонија во алијансата и да обезбеди практична помош во развојот на Лесната пешадиска баталјонска група.

Обуката ја изведува тим за обука од Вториот баталјон на полкот на војводата од Ланкастер. Дел од обуката беше презентирана пред министерката Шекеринска и бригадниот генерал Џонс. Во моментот на полигонот „Криволак“ се врши лесна пешадиска и лидерска обука за 30 потенцијални подофицери од првата пешадиска чета.

Целта на обуката е создавање врвна обучена единица, која ќе биде интероперабилна со НАТО-тактиките и процедурите за изведување здружени комбинирани операции.

Спонзорирано: