Времето на партиски штабови во Министерството за внатрешни работи е минато, исто како што е минато и времето кога полицијата правеше упади во невладини организации, тепаше студенти и апсеше новинари, порача дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска.
„Секој што ќе се обиде да ги повтори старите методи со ‘едно ливче нека снема’ или добро познатото ‘фаќање за уши’, жестоко ќе се соочи со законот. Во интерес на граѓаните сум подготвена на соработка, но исто така во нивен интерес сум подготвена на решително спротиставување на секој обид на создавање паралелни структури и рушење на принципот на хиерархија и погазување на законите“, рече таа.
Според Петровска, претстојните избори се од исклучително значење за сите граѓани на нашата држава, без разлика на нивната партиска или етничка припадност. „Ова е период што носи дополнителна одговорност врз сите членови на извршната власт, своите функции да ги извршуваме единствено во интерес на граѓаните. Како дополнителен заменик-министер за внатрешни работи праќам јасна порака до граѓаните дека Министерството за внатрешни работи ќе продолжи да ја гарантира нивната безбедност“, рече дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи.
Оваа порака, додаде таа, е резултат на тоа што во изминатите две и пол години поставивме стандарди во работењето на полицијата, кои гарантираат дека таа не може да биде злоупотребена од одредена политичка партија, туку, напротив, ќе даде значаен придонес во она што е и цел на оваа преодна Влада, организирање фер и демократски избори.
Петровска рече дека и покрај кадровските промени направени со формирањето на преодната Влада, граѓаните треба да знаат дека процесите што се почнати нема и не може да запрат благодарение на професионалците во Министерството, кои веќе подолго време имаат можност да работат без притисоци и уцени.