Фејсбук статус на Никола Груевски:
1. Пратеникот-бизнисмен кој деновиве позачестено се занимава со мене, откако барем засега не успеа преку судството да ја “олесни” државата за 40 милиони евра, е пример за човек кој својата функција пратеник и политичар единствено ја подразбира како корисно средство за водење бизнис и правење пари.
Впрочем, не паметам да сум го видел на говорница или било кое собраниско тело јавно да ги претстави тие што го гласале и го пратиле за пратеник во собранието.
Очигледно е дека овој пратеник мандатот го користеше исклучиво за приватни потреби и можеби претставува пример од чие однесување треба да произлезат измени на Деловникот за работа на собранието.
Не знам дали земал некој тендер или не, но ќе кажам еден од многуте слични примери, па јавно прашувам дали е нормално пратеник кој истовремено е и бизнисмен, да оди по владини кабинети и да бара интервенции од политичари до одредени државни тела и органи за да му дозволат да отвори медицински факултет?
И дали е нормално, освен ако тоа не е вистина, кога на овој пратеник ќе му се кажело дека тоа што го бара не е можно, наместо да си замине, да се налути, да се навреди и да збесне кога ќе му се одговори дека за такво нешто не може да му се излезе во пресрет, прво заради принципиелни причини за немешање во надлежностите и работата на државните органи, а второ затоа што не би требало животи да спасува некој лекар кој завршил на факултет на кој секако може да се земе диплома со учење но и без тоа, бидејќи за газдата и така е можно.
2. Во врска со во последно време распространетите шпекулации дека сум имал некакви средби со лицето Бојан Јовановски во Будимпешта, а во контекст на случајот “Рекет”, сакам да демантирам дека тоа е неточно.
Според таа неверојатно измислена приказна, излегува дека јас сум ја контролирал и актуелната влада, нивни високи функционери и нивната верна 1Тв, која патем речено мене континуирано и најжестоко ме критикуваше…
Вистината е дека никогаш во животот не сум го сретнал ниту сум имал било каков посреден или непосреден контакт или комуникација со лицето Бојан Јовановски.
Бидејќи во шпекулативните приказни се спомнува и името на претседателот на Р.Србија, Александар Вучиќ, како и некакви српски служби, демантирам било каква комуникација со г. Вучиќ на оваа тема, било кога, или било каква соработка со српски или било чии други служби на било која тема.
Ако досега покрај политичкиот прогон, речиси секојдневно се соочувам и со изнесување лаги, шпекулации, клевети, невистини, манипулации, притисоци, малтретирања и уцени на мои блиски соработници за изнудување нивно лажно сведочење против мене и сл., можам само да замислам што се’ ќе следува и што треба да очекувам во следните три месеци до изборите.
Народот треба да внимава за што и кому ќе верува. Актуелната власт во заминување ќе ги искористи сите нечесни и незаконски методи за да остане на власт користејќи лажна пропаганда која ќе има задача да шири лаги и невистини, ќе дава лажни ветувања на гласачите, ќе врши притисоци и уцени, ќе отвораат и водат лажни политички мотивирани истраги, ќе поднесуваат исто такви обвиненија, ќе врши притисоци за нарачани пресуди, ќе апсат неистомисленици и ќе одат дотаму што ќе врши масовен поткуп на гласови до обиди за лажирање на изборите.
3. Во врска со актуелните дискусии и обвинувања дека нечии лустрации лично сум ги нарачувал, сакам јавно да изјавам дека никогаш од ниту еден член на комисијата за лустрација не сум побарал конкретно лице да биде или да не биде лустрирано.
Да се нарача за човек што е невин да биде лустриран и да се прогласи за кодош е еднакво голем злостор со злосторот кој го правеле самите кодоши и соработници на службите за време на комунистичкиот режим и такво нешто не можам ни да помислам.
Имав доверба во комисијата и никогаш не сум побарал од истата такви неетички и незаконски дејствија за никого, независно дали бил мој политички поддржувач или најголем можен политички противник.
Гледано од личен и приватен аспект, трудејќи се да не се мешам во една таква болна и чувствителна тема, можам да кажам дека лустрацијата и моето не вмешување во истата, само ми наруши едно повеќедецениско пријателство со човек чиј брат беше лустриран, но и три други пријателства со луѓе со кои имав добра комуникација и соработка не знаејќи за нивните активности во минатото и дека по извесен период ќе бидат лустрирани од државната комисија.
Затоа денес, со крената глава и гледајќи во очи секого, можам секому кој ме обвинува да му кажам дека лаже и неосновано ме обвинува.
Кога тоа би го направил, кога би почнал да нарачувам било какви одлуки на комисијата за било кого, би се довел во положба да сум ист и поголем, не само од комунистите во комунизмот, но и тие кои денес се преименувани како социјалдемократи.
Тоа не би си го дозволил.
Денес прочитав еден текст на прераскажано сведоштво од дејствувањето на комунистите.
Еуфоријата, бесчувствителноста, нечовечноста, злоупотребите на моќта и злобата со која тогаш дејствувале се чувствува и денес и линкот од овој текст објавен на социјалните мрежи го ставам во овој текст.
Вистинска штета е што лустрацијата не се случи во раните деведесетти години од минатиот век.
Всушност тогаш, сеуште не беше доцна, освен лустрација за кодошите и соработниците да има и судски процеси за наредбодавачите и извршителите за направените злодела, убиства, тортури, мачења, монтирани судски процеси со незаслужени убиства, затворања и уништувања на луѓе кои не се согласувале со комунистичкиот режим или сонувале за самостојна држава Македонија, па затоа им ги уништиле животите и семејствата. Затоа денес, откако нивните претходници останаа неказнети, се повторуваат некои злодела од актуелната власт.
Мојот денешен политички прогон како и прогонот на моите соработници со кривично правни методи преку актуелните кривични постапки во Република Македонија, ги сфаќам само и на единствен начин, повторување на практиките од минатото, на тие кои не се истомисленици со сегашноста, со цел да се уништи нивниот и животот на нивните семејства, не со отворени ликвидации како во минатото, но со физичко отстранување од политичката и социјална средина, за да продолжат да владеат тие што владееле во минатото, а за жал и денес, нивните потомци.