27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Германија вложува 86 милијарди евра во железничка инфраструктура

Германската влада склучи договор со државната железничка компанија „Дојче Бан“ за вложување на 86 милијарди евра во железничката инфраструктура во текот на следните 10 години.

Според договорот, потпишан од министерот за транспорт, Андреас Шеуер, извршниот директор на „Дојче Бан“, Ричард Луц, и членот на Одборот за инфраструктура на компанијата, Роналд Пофл, државата ќе обезбеди сума од 62 милијарди евра, а за останатите 24 милијарди ќе ги инвестира компанијата.

Според Министерството за транспорт, на овој начин на годишно ниво ќе бидат достапни во просек по 8,6 милијарди евра за одржување и модернизација на германските железници, што е за 54 проценти повеќе отколку во претходниот плански период.

Новиот договор за финансирање опфаќа двојно подолг период од претходниот.

Министерот за транспорт Шеуер најави нова деценија за железницата, велејќи дека „Дојче Бан“ мора да стане попрецизна, поефикасна и подобра компанија.

Извршниот директор на „Дојче Бан“, Луц, рече дека подобра железничка инфраструктура е неопходна за возовите да пристигнуваат навреме и истакна дека е потребен подолг период за работите да бидат совршени.

„Дојче Бан“ игра важна улога во напорите на германската влада да ги постигне поставените климатски цели./Makfax