12. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРОМОБИЗНИС

Избрани тројца членови на Одборот на директори на АмЧам и доделени признанија за најдобри практики на општествена одговорност

Американската Стопанска Комора во Северна Македонија (АмЧам), во вторникот, на 26-ти ноември, го одржа своето 24-то Генерално Собрание на кое беа избрани тројца членови на Одборот на директори, се доделија признанија за најдобрите практики на општествена одговорност (CSR) на компаниите-членки и беше направен преглед на најзначајните постигнувања за годината што изминува.

Собранието беше отворено со поздравни говори на Иван Костиќ, Претседателот на Одборот на директори на АмЧам, и  Н.Е. Ангела П. Агелер, Амбасадор на САД во Република Северна Македонија кои изразија благодарност за АмЧам за спроведените активности во изминатата година и ги споделија своите очекувања за успешна имплементација на многуте иницијативи и проекти од кои се очекува да го зајакнат домашниот деловен екосистем и да поттикнат регионална соработка, планирани за годината што доаѓа.

Во работниот дел, покрај тековните одлуки, беше направен и избор на тројца членови во Одборот на директори на АмЧам. Андреј Петрески (Cisco), Славко Пројкоски (Македонски Телеком) и Бојан Стојаноски (Стопанска Банка) беа избрани и добија двегодишен мандат во Одборот на директори.

На Генералното собрание беше одбележан и клучен момент во проектот „Партнерства за донирање“, поддржан од УСАИД, а имплементиран од АмЧам во партнерство со Асоцијација Конект. Во рамки на настанот беа доделени признанија за највлијателните општествено одговорни практики на компаниите. Меѓу наградените компании за 2024 година се најдоа:

  • Халкбанка за проектот „Фустани со џебови“;
  • Битолска Млекара за проектот „Растеме заедно“;
  • Стопанска Банка за проектот „Вози право – вози здраво“;
  • ТИТАН Цементарница Усје за проектот „ Вклучување на вработените, развој и добросостојба“;
  • Зегин за проектот „ЗЕГИН Спектратон – Трка на херои во сите бои“.

Пред членките беа претставени и извештаи за тековното работење на АмЧам, а претседателите на комитетите ги презентираа најзначајните постигнувања за 2024 година. Исто така, беа најавени и дел од приоритетните проекти за периодот што следува, во согласност со стратегијата на АмЧам за периодот 2024-2028. Во фокусот на овие иницијативи ќе бидат економскиот развој, предвидливоста на деловното опкружување, дигитализацијата, здравствениот систем, човечкиот капитал и одржливоста.