Во просториите на гимназијата „Никола Карев“ денеска беа промовирани просторија за проби и нови музички инструменти што ќе бидат наменети за наставни и воннаставни активности, а ќе бидат достапни и за млади што не се ученици на ова средно училиште.
Музичките инструменти се купени во рамките на проект финансиран од Програмата за финансирање програми и проекти на млади на Град Скопје за 2019 година, а реализиран од Центарот за креативно живеење „парК и Арт хаус Карев“.
Како што рече портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху, овој проект користи веќе постоен јавен простор, дел од средно училиште, и ја надградува неговата намена, односно го отвора за користење за сите млади.
„Град Скопје е многу заинтересиран да ги поддржи проектите што ги промовираат урбаната и младинската култура. Веќе неколку години гледаме како оваа гимназијa прераснува и во културен центар, па и не случајно беше дел од ‘Бела ноќ’ во 2018, а познати се и други соработки со институциите од културата за кои е надлежен Градот. Бидејќи со средствата добиени во рамките на Програмата за млади за 2019 година се купени музички инструменти, тоа ќе овозможи придобивките од овој проект да се чувствуваат уште многу години“, посочи Салиху.
Денешната промоција беше збогатена со заедничко музицирање на младите музичари од „Арт хаус Карев“ со нивни поискусни колеги.
Инаку, ученици од разни генерации од гимназијата „Никола Карев“ свират во алтернативни скопски бендови, како „Визија“, Pluto’s Doubts, „Астероид“, Culture Development, Black and Vice Social Club, 101, Freak Unique, Black Pool и други.