Социјалдемократскиот сојуз и нејзиниот лидер Зоран Заев се најпопуларни меѓу граѓаните покажа вчерашната анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис” – Скопје (ИДСЦС) во пресрет на вонредните парламентарни избори што треба да се одржат во април 2020 година, пренесе Локално.мк.
Мнозинство од испитаниците или 64,5 отсто одговориле дека сегашната Влада не ги исполнила нивните очекувања, при што 53,9 проценти од нив сметаат дека таа не заслужува да биде реизбрана во април, но од друга страна 58,7 отсто сметаат дека ни опозициската ВМРО-ДПМНЕ не заслужува да ја води следната Влада.
Регионално гледано, СДСМ најголема поддршка има во Југоисточниот регион (31,7%) и Источниот регион (28,6%). Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ најголема поддршка има во Југозападниот регион (38,1%) и Вардарскиот регион (32,5%). Партијата која има најголем рејтинг во албанскиот блок – ДУИ најголема поддршка има во Југозападниот регион (16,8%) и Полошкиот регион (15,8%).
„СДСМ не само што ќе победи на изборите. СДСМ ќе згази, заедно со граѓаните ќе ги потврдиме политиките кои носат подобар живот за граѓаните во нашата држава“, сподели пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов по објавената анкета
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, синоќа искоментира дека анкетата е во функција „да го мотивираат членството на СДСМ и Заев“.
„Доколку е таква работата еве и јас кој непоколебливо верувам во народот, ги охрабрувам да излезат на избори и народот да одлучи“, изјави Мицкоски.
Од ФРОДЕМ пак велат дека водењето на недоследна партиска политика, распната помеѓу реалноста и фикцијата, безидејноста и импровизацијата, и немањето капацитет и храброст да се биде самостоен наспроти внатрешниот и надворешниот притисок, се причини кои и во иднина ќе ја дообезличуваат и доруинираат партијата и истата ја водат во трет последователен пораз под диригентска палка на Мицковски.
– Затоа му порачуваме на Мицковски да прекине со овие жалопојки и алиби политика бидејќи на Република Македонија и на нејзините граѓани одамна им е смачено од ,,пресметливи” политичари со двојни и тројни аршини на кои приоритет им е само премиерската фотеља, посочуваат од партијата.
Потпретседателот на ГРОМ, Љупчо Пренџов смета дека анкетата на МЦМС која што излезе е фингирана се со цел мотивирање на разочараното членство на СДСМ кое што изминатиот период е демотивирано бидејќи се соочува со незадоволството од страна на граѓаните при вршење на акцијата од вратат на врата.
Според Пренџов, анкетата на МЦМС е грешна споредувајќи дека МЦМС потфрлиле и со анкета во 2018 година при гласање референдумот во 2018 за промена на уставното име на државата, укажувајќи дека на тогашната анкета МЦМС прикажала дека дури 66 проценти од граѓаните ќе излезат на референдумот, а на референдумот излегле само 37,9 проценти.