Со засадување на околу 600 дрвца од различни видови, Општина Илинден продолжува да ја гради својата зелена иднина, посветено вложувајќи во обновување и збогатување на зелените површини, зачувување на природата и создавање поздрава животна средина за сите граѓани.
Акцијата за пошумување во рамки на проектот „Зелена Општина Илинден“ се одржа во населеното место Мршевци, во училишните дворови и на други јавни површини низ општината, меѓу кои и во новоизградениот парк во н.м Дељадровци.
Обединети околу заедничката цел за почиста и позелена општина, во акцијата се вклучија општествено одговорни компании, граѓани, ученици, јавните претпријатија и општинската администрација. Во акцијата учествуваше и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека секое новозасадено дрво претставува вложување во природата, здравјето на граѓаните и иднината на генерациите што доаѓаат.
Градоначалникот упати благодарност до општествено одговорните компании Дени Интернационал, МАН, Пекабеско и ТАВ, кои преку донацијата на садници дадоа значаен придонес во реализацијата на оваа зелена иницијатива.
Со континуирано пошумување, уредување на јавните зелени површини и развивање на еколошката свест, Општина Илинден останува посветена на создавањето одржлива, зелена и здрава животна средина. Секое засадено дрво денес е придонес за поздраво и позелено утре.
фото Општина Илинден


