Со воена свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје денеска беше одбележан Денот на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон (ИРб), единица на Армијата препознатлива по високото ниво на обученост, професионалност и подготвеност за извршување сложени извидувачко-разузнавачки задачи.
На свеченоста присуствуваа: министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик-министерот за одбрана Адмир Шабани, заменик-началникот на Генералштабот генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на Командата за обука и доктрини бригаден генерал Лулзим Нуредини, командантот на Првата пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски, претставници на Министерството за одбрана и Армијата, поранешни команданти и припадници на единицата и други гости.
Министерот Мисајловски во своето обраќање пред припадниците на ИРб истакна дека денешниот ден ја симболизира традицијата, континуитетот и патриотизмот на припадниците на единицата, кои се „очите и ушите на нашата Армија“, секогаш први на теренот, секогаш чекор понапред.
„Вашата професија бара врвна психофизичка подготвеност, челична волја, брз ум и апсолутна меѓусебна доверба, нагласувам, тимска работа. Вие секојдневно докажувате дека за овој баталјон не постојат непремостливи препреки – без разлика на теренот, временските услови или сложеноста на задачата“, рече министерот.
Мисајловски се осврна и на активностите на единицата на меѓународен план, посочувајќи на резултатите постигнати на меѓународните воени вежби и натпревари, што, рече, ги прави „вистински амбасадори на македонската Армија и пример за квалитетот на нашиот војник.“
Во своето обраќање, командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски ја истакна значајната улога на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон во Армијата, нагласувајќи дека единицата веќе три децении се издвојува со висока обученост, професионализам, дисциплина и примена на највисоките стандарди во обуката.
Осврнувајќи се на резултатите во изминатата година, го потенцираше учеството на припадниците на вежбите „БЛЕСОК 26“, „ЕФЕС 26“ и „Common Challenge 26“, на кои уште еднаш ги потврдија својата подготвеност, издржливост и интероперабилност со сојузничките армии.
Притоа, тој им порача на припадниците на баталјонот да продолжат со посветена работа и постојано унапредување на своите способности, доследно следејќи го мотото на единицата „Секогаш чекор понапред“.
Командантот на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон потполковник Зоран Цветковски во своето обраќање истакна дека единицата, благодарение на професионализмот, високата обученост и посветеноста на припадниците, претставува современа и флексибилна единица, подготвена за извршување сложени задачи и одговор на современите безбедносни предизвици.
Тој упати благодарност до Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата за континуираната поддршка, како и до припадниците на баталјонот за нивната дисциплина, одговорност и професионализам, нагласувајќи дека унапредувањето на способностите, обуката и модернизацијата остануваат приоритет во натамошниот развој на единицата.
На денешната свеченост беа прочитани телеграми со честитки за денот на единицата, како и наредби за унапредување и стимулативни мерки за припадниците на баталјонот кои постигнале високи резултати во работењето.
Во пресрет на Денот на единицата, припадниците на ИРб реализираа хуманитарна акција и донираа храна во хуманитарната организација „Свети Спас“, наменета за социјално загрозени семејства.
фото: Канцеларија за воени односи со јавност Генералштаб на Армијата


