Скопје беше домаќин на Првиот форум за енергетска дипломатија, на кој повеќе од 200 учесници и над 15 говорници од институциите, меѓународните организации и деловната заедница дискутираа за енергетската безбедност, диверзификацијата на снабдувањето, регионалното поврзување и одржливата енергетска транзиција.
Форумот го отвори министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која истакна дека енергетиката денес претставува едно од клучните стратешки прашања, директно поврзано со националната безбедност, економската конкурентност и геополитичката стабилност.
Таа нагласи дека во услови на глобални кризи и геополитички тензии, енергетската дипломатија има клучна улога во градењето доверба, отворањето нови правци за снабдување, поврзувањето на пазарите и воспоставувањето долгорочни партнерства.
„Не зборуваме само за застапеност. Зборуваме за влијание. Жените треба да ги поставуваат приоритетите, да ги водат преговорите, да ги градат партнерствата и да преземаат одговорност за резултатите“, порача Божиновска.
Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП, истакна дека енергетската транзиција мора да биде инклузивна и да обезбеди активно учество на жените во обликувањето на енергетската иднина.
„Енергетската транзиција не е само прашање на технологија и инвестиции, туку и на тоа кој учествува во обликувањето на нашата иднина. Зелената транзиција мора да обезбеди и пристап на жените до чиста енергија и нивно активно учество во креирањето политики и носењето одлуки. Преку конкретни иницијативи и партнерства, УНДП работи на зајакнување на улогата на жените во енергетскиот сектор и создавање можности за нивно лидерство“, истакна Григорјан.
Осврнувајќи се на инфраструктурните приоритети, министерката ги посочи изградбата на гасниот интерконектор со Грција и планираното поврзување со Србија како значајни проекти за отворање нови правци за снабдување и зајакнување на енергетската сигурност. Таа потенцираше дека отпорноста и стабилноста на енергетскиот систем на Западен Балкан се тесно поврзани со енергетската сигурност на Европа, поради што регионалната соработка е заеднички приоритет.
Во тој контекст, Божиновска ги истакна и партнерствата со Соединетите Американски Држави и европските земји, нагласувајќи дека нивната вредност треба да се потврди преку конкретни проекти, инвестиции и посигурно снабдување со енергија.
Министерката се осврна и на потребата од паралелни инвестиции во обновливите извори на енергија и во електроенергетската инфраструктура. Зголеменото производство на електрична енергија од сонце и ветер бара развој и модернизација на мрежите, кои ќе овозможат нејзин сигурен пренос до потрошувачите. Во рамки на форумот се дискутираше и за можностите што ги нуди зеленото финансирање за поддршка на домаќинствата и малите компании во вложувањата во обновливи извори и енергетска ефикасност.
Важен сегмент од форумот беше посветен на женското лидерство и придонесот на жените во обликувањето на енергетската иднина. Министерката Божиновска нагласи дека нивната експертиза и професионално искуство треба да бидат препознаени и вклучени во највисоките нивоа на одлучување.
Во оваа насока, посебно значење има Скопската декларација, која ја потврдува заедничката определба за енергетска безбедност, одржлива транзиција и женско лидерство. Со поддршка на Канцеларијата на Обединетите нации, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE), се поставуваат основите за формирање на Мрежата на жени во енергетската дипломатија.
Мрежата треба да претставува платформа за соработка, менторство и професионален развој, со цел поголемо вклучување на жените во стратешките процеси и меѓународните енергетски партнерства.
Првиот форум за енергетска дипломатија ја потврди потребата од засилена меѓународна и регионална соработка, диверзификација на снабдувањето и реализација на инфраструктурни проекти што ќе придонесат за поголема енергетска независност и сигурност. Од Скопје беше испратена порака за дипломатија што поврзува, партнерства што создаваат конкретни резултати и заедничка одговорност за одржлива енергетска иднина.
фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини


