Собраниската седница посветена на пратенички прашања денеска беше прекината по повеќечасовни процедурални несогласувања и остри расправии меѓу власта и опозицијата. Иако седницата беше предвидена како можност опозициските пратеници директно да поставуваат прашања до премиерот и министрите, во првите три часа не беше поставено ниту едно такво прашање.
Тензиите дополнително се зголемија по неколкуте паузи, кога во салата имаше довикувања и меѓусебни навреди. Пратеникот Борис Крмов од Левица инсистираше да се почитува времето за прашања определено со Деловникот, додека претседателот на Собранието Африм Гаши повика на смирување на атмосферата.
Гаши одреди нова пауза и ги повика координаторите на пратеничките групи на разговор. Седницата не продолжи во предвидениот тек, со што прашањата до Владата останаа неодговорени во тој дел од собраниската работа.


