Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на обвинувањата од страна на опозицијата дека ниту еден од двата можни предложени модели за случајот „Алта банка“ нема да вроди со плод, изјави:
„Да, она коешто го слушаме изминативе денови од опозицијата, а се однесува на „Алта банка“, вчера јас се обидов да го сублимирам во моја изјава за време на прес-конференцијата со амбасадорот Рокас. Сакам уште еднашка да напоменам и тоа е многу важно, а тоа е дека станува збор за увезен проблем од нашиот северен сосед. Таму гледате што се случува, сега последна информација е дека и самите менувачници ја ограничиле количината којашто може да се купува и менува, до 300-400 евра. Значи не може повеќе да се врши конверзија на тамошната валута, динари во евра. И тоа претставува сериозен индикатор за стабилноста на тамошниот, би рекол банкарски систем. Се надевам дека најцрното сценарио ќе биде избегнато. Зошто, затоа што Србија е значаен трговски партнер за Македонија, повеќе од милијарда и двесте, милијарда и три стотини милиони евра годишно имаме размена со нашиот северен сосед. Голем број на наши компании соработуваат со српски компании. Многумина од тие компании, сопствениците на тие компании, ми се јавуваат и ме прашуваат што понатаму. Бидејќи нивните партнери од Србија имаат блокирани сметки и средства во „Алта банка“ и дел од нив дури и го затвориле својот бизнис, односно банкротирале, со што практично нашите компании сега имаат проблем. Јас се надевам дека многу скоро ќе биде формирана Владата и таа Влада ќе води проевропска, реформска политика, нешто што на нас ни е важно.Што се однесува до случајот „Алта банка“, јас и вчера во мојата изјава кажав и денес. Владата и опозицијата, конкретно СДСМ, имаат различна амбиција. Тие се радуваат на црните сценарија. Ние се обидуваме од петни жили да најдеме решение, односно купец којшто ќе ја купи банката, бидејќи банката е навистина во одлична состојба. Тие се радуваат граѓаните да не бидат обештетени, по принципот на „ТАТ“ од времето на СДСМ, по принципот на„ Еуростандард банка“ од времето на СДСМ. Јас кажав и стојам на тоа дека до последниот цент, секој доверител, секој штедач ќе биде обештетен. Бидејќи најголемиот дел од штедните влогови се осигурени во Фондот за осигурување на штедни влогови, а активата на банката е многу поголема од побарувањата. Но, ние се трудиме да не дојде до тоа, односно ова црно сценарио за коешто се моли секој ден и работи опозицијата СДСМ, да не се случи, односно да најдеме купец. И следните неколку денови заедно со гувернерот и министерката за финансии ќе имаме средба, односно средби со повеќе финансиски институции коишто би можеле да бидат потенцијални купци на самата банка. Уште еднашка сакам да повторам, опозицијата мисли дека преку оваа увезена криза од нашиот северен сосед, ќе се факторизира. И од политички, би рекол целосно небитна структура, ќе се факторизира и на тој начин ќе привлече политичко внимание. И затоа тие се обидуваат преку невистина, преку конструкција, преку црни сценарија да ги, како да кажам, ги наведат граѓаните, но тоа е сосема спротивно од она што е вистината. И затоа ги замолувам граѓаните, да не веруваат на овие невистини, како што многу пати се случуваше во минатото, од тоа дека ќе носиме мигранти, дека веќе сме банкротирани како држава, дека не знам што ли уште не се случуваше од нивна страна, како што ништо од тоа не се случи. Така и овој пат, да бидат спокојни и Народната банка и Владата имаат свои инструменти. И со помош на тие инструменти, целосно ја контролираме состојбата. Така што тука нема апсолутно простор за загриженост. Целта е да се спаси, бидејќи навистина станува збор за здрава финансиска институција.“


