Најмалку 24 лица загинале во денешните руски воздушни напади врз пункт за хуманитарна помош во регионот Запорожје, соопшти украинската Државна служба за вонредни состојби. Меѓу загинатите, според службата, има двајца спасувачи и четворица полицајци.
Регионалниот гувернер Иван Федоров извести за повеќе бомби фрлени врз населбата Комишуваха. Украинските власти соопштуваат и за повредени, додека спасувачките екипи го расчистуваат местото на нападот.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека бил погоден училиштен објект користен за хуманитарни цели. Тој побара силна меѓународна реакција и оцени дека нападот ги поткопува очекувањата за напредок кон мир.


