Француските обвинители започнаа истрага за обид за убиство, откако за време на немирите кон полициски службеници беа фрлени молотови коктели. Видеоснимка од судир со демонстранти во Париз во саботата, на која се гледа полицаец зафатен од пламен, предизвика бурни реакции во јавноста. Инцидентот се случи по неколкунеделни улични протести, во кои имаше и повредени демонстранти, пренесува Би-би-си.
Министерот за внатрешни работи: „Обид за убиство“
Полицаецот, кој се здобил со изгореници на глуждот и полесни повреди на раката, за весникот „Ле Фигаро“ изјави дека употребеното средство било „исклучително софистицирана“ запалива направа. Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, го окарактеризира фрлањето молотов коктел врз полициски кордон како „обид за убиство“, додавајќи дека полицијата интензивно трага по сторителите.
Во саботата, стотици илјади луѓе учествуваа на претежно мирни протести низ Франција. Ова се надоврзува на серијата демонстрации, предводени од млади луѓе уште од крајот на септември, преку кои учесниците бараат од властите да се справат со високите трошоци за живот и лошата состојба на јавните услуги, особено во секторот образование./Извор:Makfax


