Сите девет лица кои се наоѓале во авионот, загинале кога тој се урнал во станбена населба во американската сојузна држава Флорида. Несреќата се случила во градот Гринакрес, во округот Палм Бич, на само 14 километри од „Мар-а-Лаго“ – резиденцијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Авионот од типот „Лирџет“ се урнал вчера, околу 12:50 часот по локално време, при што се претворил во огромна огнена топка. Леталото полетало од Меѓународниот аеродром „Остин-Бергстром“ во Тексас и се упатило кон аеродромот „Норт Елеутера“ на Бахамите.
На снимките од несреќата се гледа како авионот стрмоглаво паѓа, пред да се претвори во огромна огнена топка во близина на прометен пат. Според „Скај њуз“, тој за влакно ги промашил возилата што поминувале, а се чини дека едвај ги одминал и блиските куќи.
Пилотите пријавиле турбуленција, замрзнување и врнежи.
Авионот летал кон исток на височина од 35.000 стапки (околу 10.700 метри) кога пилотите пријавиле турбуленција, замрзнување и врнежи, и побарале дозвола да се искачат за дополнителни 2.000 стапки (околу 610 метри). Неколку моменти подоцна, авионот влегол во стрмно, брзо спуштање и забрзал надвор од границите на својата конструктивна издржливост, покажуваат снимките од комуникацијата со контролата на летање и податоците за следење на летот.
„Се спуштаме со брзина од 8.000 стапки во минута. Mayday, mayday, се спуштаме со 10.000 стапки во минута. Ќе удриме во земјата“, пријавил пилотот. „Mayday“ е меѓународно признат радио-телефонски сигнал што се користи за прогласување итна состојба во која се загрозени човечки животи.
Околу 35 секунди по првичниот повик за помош, последната порака од пилотската кабина гласела: „Ни истекува времето“.
Гувернер: Изгледаше како ракета што паѓа
Американскиот секретар за транспорт, Шон Дафи, потврди дека сите девет лица во авионот загинале, опишувајќи ја несреќата како „ужасна трагедија“. „Ве молам, придружете ми се во молитва за семејствата и блиските на оние што ги изгубивме“, рече тој.
Причината за несреќата сè уште е предмет на истрага. Гувернерот на Флорида, Рон Десантис, говорејќи од местото на настанот, ја опиша несреќата како катастрофална авионска несреќа. „Изгледаше како проектил што паѓа, а покрај патот остави голем кратер“, истакна тој. Додаде дека остатоци од леталото биле расфрлани на „значително растојание“. Фотографиите од местото на падот прикажуваат оштетувања на дел од патот и пламен на земјата. Џим Рејнолдс, портпарол на Меѓународниот аеродром „Остин-Бергстром“, потврди дека станува збор за приватен авион, но не можеше веднаш да даде детали за луѓето што биле во него. Вчера во регионот паѓаше обилен дожд, а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за поплави.
Евакуација на околу 600 луѓе
Жена која работи во близина на местото на несреќата изјави дека во тој дел од областа немало струја околу два часа по падот на авионот. Властите во округот Палм Бич евакуираа околу 600 луѓе од блискиот комплекс со монтажни куќи, додека федералните власти ја истражуваат причината за несреќата. Локалните власти соопштија дека патот ќе остане затворен до понатамошно известување.
Федералната управа за авијација на САД (FAA) ќе испрати тим за да му помогне на Националниот одбор за безбедност во транспортот (NTSB) во истрагата, најави секретарот Дафи./Извор:Makfax


