Во Нови Сад денеска се одбележува втората годишнина од уривањето на натстрешницата на железничката станица, при што загинаа 16 лица. Граѓаните и студентите организираа комеморативни активности, со собирање пред станицата и шеснаесетминутен молк во 11:52 часот, времето кога се случи трагедијата на 1 ноември 2024 година.
Меѓу загинатите беше и македонскиот државјанин Васко Саздовски од Свети Николе, научник и истражувач кој работел во Нови Сад. Несреќата предизвика масовни граѓански и студентски протести во Србија и отвори прашања за квалитетот на реконструкцијата, надзорот и одговорноста на институциите.
Две години подоцна, правната разрешница сè уште не е завршена. Се водат три одвоени постапки поврзани со трагедијата, вклучувајќи постапки за кривична одговорност и истрага за можни финансиски злоупотреби при реконструкцијата на железничката станица.


