Црногорскиот министер за надворешни работи, Ервин Ибрахимовиќ, објави дека неговата земја е блиску до решавање на три отворени прашања со Хрватска, неколку дена откако Загреб предупреди дека без решавање на наследството од војната во 1990-тите години нема да даде зелено светло за влез на Црна Гора во Европската Унија, пренесува Хина.
Хрватска до земјите членки на ЕУ и до челниците на европските институции доставила документ со осум барања што Црна Гора треба да ги исполни за да ја добие поддршката од Загреб за завршување на пристапните преговори.
Меѓу отворените прашања се школскиот брод „Јадран“, разграничувањето на Превлака, прашањето за исчезнатите лица, воените злосторства, обесштетувањето на поранешните затвореници во логорите и враќањето на имотот.
Ибрахимовиќ најави дека официјални информации за базенот во Котор, спомен-плочата во логорот Морињ и обесштетувањето на поранешните логораши може да се очекуваат веќе утре.
„Верувам дека брзо ќе испратиме одговор за прашањето за промена на името на базенот во Котор, за прашањето за плочата во логорот Морињ, како и за обесштетувањето на поранешните затвореници од Морињ“, изјави Ибрахимовиќ за јавната телевизија.
Тој додаде дека неговата влада „одговорно се однесува кон овие прашања“ и дека двете држави мора да покажат „дека се подготвени да гледаат кон иднината“.
„Не смееме да го нарушиме основното начело на пристапувањето, а тоа е пристапување врз основа на заслуги. Она што спаѓа во билатералните прашања треба да се решава на билатерално ниво“, истакна министерот.
Црна Гора, која е најнапредната земја во преговорите за пристапување во ЕУ, ги отвори сите 33 преговарачки поглавја, а 21 од нив привремено затвори. Подгорица планира да ги заврши преговорите до крајот на оваа година, а полноправно членство во Унијата да оствари во 2028 година.
Меѓутоа, хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, на минатонеделниот состанок на Европскиот совет во Брисел ги запознал европските лидери со осумте хрватски барања. По ова, од заклучоците биле отстранети временските одредници што предвидувале договор за привремено затворање на сите преговарачки поглавја до крајот на годината и што поскоро завршување на изработката на пристапниот договор.
Ибрахимовиќ најави дека Пленковиќ и хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, ќе учествуваат на самитот на Берлинскиот процес, кој ќе се одржи на 21 и 22 октомври во Милочер, во близина на Будва./Извор:Makfax


