Силното невреме „Адам“ продолжува да предизвикува сериозни поплави во источна Шпанија и на Балеарските Острови. Според шпанската јавна телевизија RTVE, невремето досега однело два човечки живота, а најкритична е состојбата во делови од Валенсија и Аликанте. Во градовите Олива, Пего, Гандија и околните населени места се пријавени големи количества дожд и поплавени сообраќајници. На некои локации спасувачките служби користат хеликоптери за да стигнат до луѓе што останале заробени на покриви од објекти.
Регионалните власти активираа повисоко ниво на вонредна состојба и побараа од жителите во најзагрозените подрачја да не ги напуштаат домовите и да избегнуваат движење низ поплавените улици. Во спасувачките активности се вклучени и единиците на шпанската војска за вонредни ситуации. Поради ризикот од нови врнежи, наставата е прекината во повеќе општини, а само во Валенсиската Заедница над 100.000 ученици се погодени од затворањето на училиштата. Метеоролошките служби предупредуваат дека нестабилното време продолжува.


