Предвремените избори за градоначалник на Брвеница не донесоа победник во првиот круг. Според податоците на Државната изборна комисија, по обработката на сите избирачки места, Стојанчо Радически од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоил 2.943 гласа, односно 38,90 проценти, додека Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција, предводена од ДУИ, добил 2.152 гласа или 28,45 проценти.
На третото место е Јакуп Хусеини од ВЛЕН со 1.528 гласа, а кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ, Јовица Радески, освоил 706 гласа. Излезноста била 46,56 проценти, со 7.565 гласачи од вкупно 16.256 запишани. Вториот круг е предвиден за две недели, кога граѓаните ќе избираат меѓу двајцата кандидати со најголема поддршка.


