Centar.mk
фото: Министерство за образование и наука
-МАКЕДОНИЈА

Пуштен во употреба новиот објект на ОУ „Крсте Мисирков“ во скопската населба Ченто

Објектите во кои се организира воспитно – образовниот процес, се суштински за неговиот квалитет. Во добри услови и пријатна средина, мотивацијата за учење е поголема и затоа пред две години Владата и општините се обединија околу еден приоритет – да вложиме во инфраструктурата и да го зајакнеме овој столб на образованието. По две години делата се видливи. Ова училиште е резултат на тие заеднички заложби.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешното пуштање во употреба на новиот објект на основното училиште „Крсте Мисирков“ во населбата Ченто во општина Гази Баба, каде заедно со премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски и градоначалникот Бобан Стефковски, на учениците и наставниците им посакаа многу успеси и убави спомени.

„Дојде моментот бараките зад нас да заминат во историјата. Со среќа нека се користи новиот училишен објект. Навистина е прекрасен и знам дека ќе биде инспирација и за учениците и за наставниците“, рече Јаневска додавајќи дека Владата и Министерството за образование и наука вложуваат подеднакво во сите региони на државата, затоа што, како што нагласи – сите деца заслужуваат еднаков пристап до квалитетни услови за образование.

фото: Министерство за образование и наука

„Ќе потсетам дека за две години реализираме 90 проекти во вредност од 70 милиони евра. Половина од средствата се обезбедени преку Министерството за образование и наука и другата половина преку повикот на Владата за финансирање на капитални проекти на општините. Еден таков проект е токму ова училиште и благодарност до градоначалникот што се ангажираше да го подготви, да аплицира за средства и да го опреми објектот. Благодарност и до премиерот кој ја покрена оваа иницијатива – одеднаш да градиме и да изградиме многу нови образовни и спортски објекти на целата територија на Македонија“, додаде Јаневска.

фото: Министерство за образование и наука

Новиот објект има два спрата со 30 училници и вкупна површина од 3.128 квадратни метри. Вредноста на инвестицијата е 170 милиони денари.

фото: Министерство за образование и наука