Centar.mk
 фото: Канцеларија за воени односи со јавноста
-МАКЕДОНИЈА

Одбележан 17 Октомври – Денот на Командата за операции

Со свечена церемонија во касарната „Боро Менков“ во Куманово, денеска беше одбележан 17 Октомври – Денот на Командата за операции.

На воената свеченост во Куманово , покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, присуствуваа и поранешни команданти на единицата, претставници од воено-дипломатскиот кор, како и претставници од локалната самоуправа и организации со кои командата остварува успешна соработка.

Претседателката Сиљановска-Давкова во своето обраќање наведе дека во НАТО е наша стратешка определба, но и заложба за почитување на принципите на колективната одбрана и солидарност. Со извршувањето на преземените обврски и усогласувањето со стандардите на Алијансата, вие, македонската Армија покажавте дека и мала држава може да биде кредибилен и доверлив сојузник. Нејзината интероперабилност, обученост и учество во заедничките активности се јасна потврда за нашиот голем придонес кон колективната безбедност.

Посакувам јасните критериуми и доследното вреднување на постигнатото да најдат соодветна примена и во процесот на европската интеграција.

Командата за операции е еден од столбовите на армискиот одбранбен систем, зашто токму во неа се вкрстуваат командувањето, обученоста, организацијата и способноста за дејствување. Но, оперативната моќ не е само прашање на бројноста и модерната  опрема, туку најмногу зависи од знаењето, дисциплината, правилната проценка и подготвеноста за преземање иницијатива. Вистинската вредност на една воена структура се потврдува со нејзината способност расположливите ресурси да ги претвори во усогласено и ефикасно дејствување. А вие токму тоа го правите.

Министерот Владо Мисајловски во своето обраќање истакна дека придонесот на припадниците на Командата за операции кон безбедноста на државата е значаен и видлив, како во земјата, така и надвор, и дека нивната посветеност и подготвеност се особено значајни и видливи особено при справувањето со природни непогоди, пожари и други кризни состојби.

„Преку учеството во мултинационалните сили и операции на НАТО, вие непосредно придонесувате за зајакнување на колективната безбедноста и одбрана. Со својата работа покажувате дека Македонија е одговорна членка на Алијансата, држава која не е само корисник на колективната безбедност, туку и активно придонесува во нејзиното зацврстување. Тоа е одговорност која не може да се измери само со бројот на реализирани задачи, вежби или мисии“ – рече министерот Мисајловски.

Тој им порача на припадниците на Командата дека институционалната грижа за припадниците на Армијата и унапредувањето на нивниот професионален статус остануваат во фокусот на Министерството за одбрана и Генералштабот. Во таа насока, продолжуваат заложбите за подобрување на условите за работа, вложување во човечките ресурси, развој на воените способности и модернизација на армиските капацитети со една цел – „посилна, посовремена и подобро опремена Армија“, подготвена да одговори на предизвиците и задачите што произлегуваат од националните безбедносни потреби и од обврските што ги носи членството во НАТО.

Во своето обраќање, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски истакна дека изминатиот период бил исполнет со многу задачи од кои  „Особено се издвојува организацијата и реализацијата на вежбата БЛЕСОК 26, на која беше успешно оценета нашата Лесна пешадиска баталјонска група (ЛПБГ). Највисоките оценки кои ги добивме од НАТО оценувачите се одраз на напорната и посветена работа на војниците и старешините кои се во составот на ЛПБГ“. Понатаму генералот се осврна и на модернизацијата на Армијата, која во изминатиот период забрзано се одвива. Опремувањето на ЛПБГ со лесните оклопни возила JLTV и  STRAYKER, како и нивно ставање во оперативна употреба, новите хаубици 105 мм БОРАН и ракетите MISTRAL се зајкна огнената моќ на Армијата и се достигна уште една важна цел на способност. Оваа година Командата за операции беше одликувана со Орден за воени заслуги од страна на претседателката и врховен командант на Армијата. „Ова високо одликување нè прави горди сите нас и претставува силен мотив и поттик за постигнување на уште повисоки резултати“ рече во своето обраќање генералот Ѓоргоски.

Во рамките на свеченоста за најдобра единица беше прогласен Вториот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада. На припадниците на командата кои покажале особени резултати во работењето им беа доделени стимулативни мерки. Дополнително, плакета беше доделена на Воената група на САД, а благодарници им беа доделени на Баталјонот на специјални сили, Воениот оркестар, Државниот архив – Одделение Куманово и наредник Петре Нунев.

Соодветни признанија, како благодарност за нивниот придонес кон Армијата во текот на службата, им беа доделени и на припадниците на единицата кои во изминатиот период ги исполниле законските услови за пензионирање.

Овој датум Командата за операции традиционално го прославува во чест на историскиот 17 октомври 1878 година, кога во селото Кресна беше формиран штабот на Кресненското востание, настан кој се смета за еден од столбовите на македонските воени традиции.

фото: Канцеларија за воени односи со јавноста