35 претставници на граѓански организации од Кочани и околните општини Чешиново-Облешево, Зрновци и Виница учествуваа на информативната сесија за ЕУ повикот „Поддршка на младите луѓе за економско зајакнување и претприемништво во Кочанскиот регион“, која се одржа вчера во хотелот „Амор“, во Кочани.
На сесијата беа презентирани условите за аплицирање, критериумите за подобност, прифатливите активности и трошоци, како и насоките за подготовка и поднесување на апликациите. Повикот поддржува иницијативи во две области: развој на дигитални вештини и писменост за вештачка интелигенција, како и младинско и социјално претприемништво.
Избраните организации ќе добијат директна поддршка во вредност од 10.000 до 15.000 евра по проект, за активности во времетраење од 10 месеци. Целта е да се поттикне економското зајакнување на младите и да се отворат нови можности за нивен личен и професионален развој во Кочанскиот регион.
За организациите што не можеа да присуствуваат на сесијата во Кочани, предвидени се уште две онлајн информативни сесии, на 27 октомври и 6 ноември 2026 година, со почеток во 11:00 часот.
Сите заинтересирани организации можат да ги следат официјалните Facebook и Instagram страници на проектот EU4CR, како и веб-страницата www.eu4cr.mk, каде што се достапни сите информации за повикот и процесот на аплицирање.
Рокот за аплицирање е 16 ноември 2026 година, до 17:00 часот.
Повикот се реализира во рамки на проектот „ЕУ Механизам за граѓанска отпорност – Фаза II: Поддршка за граѓански и грасрут организации“, финансиран од Европската Унија во рамки на ИПА III Програмата за поддршка на граѓанското општество и медиумите 2024–2025 за Република Северна Македонија.


